Admir Fazlagic
22 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, кој денеска допатува во официјална посета во Скопје заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по денешните средби со лидерите на политичките партии во Македонија порачаа дека јасно го повториле ставот дека сите лидери во земјата, вклучувајќи го и претседателот мора да ги почитуваат резултатите од последните избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денес остваривме средби со претставниците на парламентарните партии. Јасно го повториме ставот дека сите лидери во земјата, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори. Во една демократија, секој мора да го признае парламентарното мнозинство", пишува во заедничката изјава на еврокомесарот Хан и тројцата европратеници, објавена на официјалниот веб-сајт на Европската комисија.
Во заедничката изјава комесарот Хан и европратениците го охрабруваат претседателот на Македонија, како што пишува „итно да го преиспита својот став" и дека „нема време за губење."
„Сега очекуваме од сите политички лидери и институции да му дозволат на демократскиот процес да се одвива непречено во интерес на граѓаните на земјата. Одложувањата во изминатите месеци веќе предизвикуваат штета на економијата на земјата", стои во изјавата, во која се повикува и на брзо формирање на новата влада.
„Повикуваме на брзо формирање на новата влада посветена на спроведувањето на заостанатите реформи. Од партиите и новата влада се очекува да продолжат со спроведувањето на сите делови од Пржинскиот договор", се вели во заедничката изјава.
Меѓу другото, се повикуваат сите политички актери да се воздржат од било какви активности и изјави кои би можеле да разгорат меѓуетнички тензии или да ги поткопаат добрососедските односи.
„Никој не треба да биде во искушение да си игра со оган. Длабоко сме загрижени поради тензиите и говорот на омраза. Слободата на собирање и слободата на изразување се основни права во демократските општества, но тие носат и одговорност", се истакнува во заедничката изјава.
Според Хан и тројцата европратеници, негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и организациите на граѓанското општество е сосема контрапродуктивна.
„Тоа ја поткопува позицијата на земјата на меѓународен план, и кредибилитетот на оние кои ја користат", велат тие во заедничката изјава.
„Како заклучок, во следните денови треба да видиме сериозно и одговорно државничко раководење од страна на релевантните институции со цел да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција. Тоа е единствениот начин за враќање назад на патот кон ЕУ - она што вашите граѓани го сакаат и го заслужуваат", се наведува во заклучокот на заедничката изјава.
Потсетуваме, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, денеска допатува во официјална посета во Скопје заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, каде што се состанааа со лидерите на политичките партии: Движењето БЕСА, Алијанса за Албанците, ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да направат уште еден обид за излез од политичката криза.