Elena Trenchevska Chekovic
08 Април 2026•Ажурирај: 08 Април 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во Вашингтон оствари билатерална средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Кристофер Ландау, пренесува Анадолу.
Министерот Муцунски предводи владина делегација што учествува на втората сесија на Стратегискиот дијалог меѓу владите на двете земји.
На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, била реафирмирана заедничката определба за негување трајно партнерство меѓу двете земји, засновано врз заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, констатирајќи дека новата сесија на Стратегискиот дијалог претставува значаен исчекор во натамошното унапредување на билатералните односи и стратегиското партнерство.
„Заедничкиот приоритет во наредниот период ќе биде ставен на операционализацијата на стратегиското партнерство, при што (на средбата) беа идентификувани конкретни и проширени форми на соработка во суштински области од заеднички интерес, во корист на граѓаните на двете земји“, се додава од Министерството.
На средбата станало збор и за соработката во рамките на НАТО, зајакнувањето на билатералната економска соработка по усогласувањето на рамката за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија во февруари 2026 година, за енергетската безбедност, потребата од диверзификација на енергетските извори и зајакнувањето на регионалната поврзаност.
„Беа разменети и мислења за состојбите во регионот на Западен Балкан и процесот на европска интеграција. Наедно, министерот Муцунски истакна дека од особена важност за регионот, особено во контекст на актуелните глобални безбедносни предизвици, е континуираното присуство и ангажманот на Соединетите Американски Држави, како клучен фактор и гаранција за регионалната стабилност“, додаде Министерството.