Saadet Gökce
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
На повеќе од 2.500 лица им е наредено да се евакуираат од град во префектурата Ивате во североисточниот дел на Јапонија, додека два шумски пожара беснеат веќе втор ден, пренесува Анадолу.
Првиот пожар избувна вчера попладне во областа Козучи во градот Оцучи, по што се прошири на повеќе објекти и на шумата во близина, објави јавниот сервис НХК. Пожарникарите нашле неколку изгорени објекти.
Втор пожар избувна подоцна истиот ден во планински предел во областа Кирикири, на околу 10 километри оддалеченост, во близина на станбени зони.
Според градските власти, до 06:00 часот утринава (21:00 часот по Гринич), изгореле околу 200 хектари, а пожарникарите вложуваат максимални напори за да ги локализираат двете жаришта и да спречат натамошно ширење.
Надлежните соопштија дека досега сите граѓани успеале безбедно да се евакуираат.
Регистрирана е само една полесна повреда кај повозрасна жена што паднала во еден од центрите за евакуација.
Како одговор на кризната состојба, јапонската Влада утринава формираше центар за координација и информации за да се следи состојбата на терен.