Beyza Binnur Dönmez
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денес изјави дека наскоро Европската Унија би можела да продолжи со воведување санкции за Израел бидејќи со промената на унгарската Влада би можело да се елиминира нејзиното долгогодишно вето, пренесува Андолу.
Жан-Ноел Баро за „Франс инфо“ истакна дека „цела година“ се залагал за санкции за поединци или субјекти одговорни за насилство врз Палестинците, вклучително и оние на окупираниот Западен Брег.
„Мислам дека наредните денови ќе успееме да ги усвоиме овие санкции“, изјави тој во интервјуто.
Баро рече дека досега мерките биле блокирани од Унгарија под водство на досегашниот премиер Виктор Орбан, но сугерираше дека ветото „би можело да биде повлечено“ по изборот на новиот унгарски премиер.
Исто така, тој предупреди дека ЕУ не може да ги игнорира постапките на Израел доколку неговата политика остане непроменета.
Во ек на повиците за суспендирање на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој е условен со почитување на човековите права, министерот рече дека доколку израелската Влада не ја смени својата политика, блокот не ќе може да се однесува како ништо да не се случило.
Истовремено Баро нагласи дека Франција не се стреми кон „суспензија само поради суспендирање“ и дека секоја одлука ќе треба да биде донесена на европско ниво.