Elena Trenchevska Chekovic
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денес оствари средба со претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Кемал Адемовиќ, кој престојува во посета на земјата, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Собранието на РСМ, Гаши изразил задоволство од „одличните односи помеѓу двете држави, кои не се обременети со билатерални прашања“, а како дополнителен мост на поврзување ја нагласил улогата на Бошњаците во Северна Македонија и дијаспората во Босна и Херцеговина.
„Гаши истакна дека е неопходно подобрување на сообраќајните врски помеѓу двете држави како основа за подобра економска и секаква друга соработка и во тој контекст реферираше за обновување на железничката врска, како и воспоставување авиолинија Скопје-Сараево“, соопштија од Собранието.
Во однос на претстојната Конференција на Јадранско-јонската иницијатива, Гаши нагласил дека темите на конференцијата - мирот, парламентарната дипломатија и напредокот на коридорите 8 и 10 се индикатор за интересот на државите и напорите на регионот на Западен Балкан за интеграција во Европската Унија.
Претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Кемал Адемовиќ, од своја страна се заблагодари за срдечниот пречек и ги сподели очекувањата од конференцијата со која претседава Северна Македонија.
Тој истакна дека Босна и Херцеговина високо го цени оддавањето почит на Собранието кон жртвите на геноцидот во Сребреница со одбележувањето на годишнината на овој трагичен настан. Нагласи дека регионалната соработка и Берлинскиот процес се особено важни за напредокот на регионот кон Европската Унија.
Соговорниците се согласија за потреба од интензивирање на билатералната соработка и заемни посети на сите нивоа и во повеќе сфери.