Shpetim Hiseni
22 Декември 2024•Ажурирај: 23 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото национално собрание на Туркије (ТБММ), Нуман Куртулмуш, кој е во посета на Северна Македонија, истакна дека постојат „силни историски и културни мостови“ меѓу народите на двете земји, известува Анадолу.
Куртулмуш им се обрати на присутните на програмата одржана на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), при што ја пофали работата на универзитетот, нагласувајќи дека неговата основна цел треба да биде натамошен напредок.
Претседателот на турскиот парламент рече дека освен што претставува универзитет, ИБУ е институција која дополнително ги зајакнува веќе силните историски, културни и братски врски меѓу Туркије и Северна Македонија.
Во текот на својот говор Куртулмуш зборуваше и за Сабахатин Заим, истакната академска личност во Туркије кој е роден во Штип.
„Тој имаше квалитет што ги зближуваше луѓето, беше како чадор, кога од него бараа совет или имаа корист од него, без разлика дали имаат различни мислења“, рече Куртулмуш и додаде дека академски труд на Заим е исто така познат во светот.
Спикер на турското собрание ги повтори силните историски врски меѓу Туркије и Северна Македонија.
„Како што знаеме, постојат силни историски и културни мостови меѓу Туркије и Северна Македонија. И повеќе од видливото, тоа се невидливи мостови на братство и пријателство. Тие се мостови кои се развивале низ вековите“, рече Куртулмуш.
„Помеѓу народите на Северна Македонија и Туркије има многу силни мостови и тие мора уште повеќе да се зајакнат“, додаде тој, нагласувајќи дека на секоја платформа Туркије го истакнува својот пријателски и братски пристап кон сите народи на Балканот.
Куртулмуш посочи дека за време на Османлискиот период, сите народи на Балканот живееле заедно во мир шест века, без разлика на етничката или верската припадност и додаде дека мировниот поредок на Османлиската империја е „една од страниците за пример во човечката историја“.
Куртулмуш истакна дека токму чувството еден народ да се гледа себеси за супериорен во однос на другите народи е основната причина за убиствата и геноцидите што се случуваат во светот.
„Денес сè уште во светот, ционистичкиот експанзионизам, оваа бесмислена идеологија која се смета себеси за супериорна во однос на другите, предизвикува крвопролевање, солзи и оган во регионот на Блискиот Исток“, нагласи претседателот на турскиот парламент, додавајќи дека мирот во светот не може да се постигне без да се смета другиот за еднаков.
Во програмата присуствуваа потпретседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Махмут Чевик, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, претседателот на Исламската верска заедница на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, претставници на ИБУ, градоначалници, претставници на политички партии, претставници на турски институции и организации во земјава, професори, студенти и многу гости.
Инаку, Куртулмуш во Северна Македонија пристигна во саботата заедно со делегација која ја сочинуваат заменик-претседателот на групата на АК Партијата, Бахадир Јенишехирлиоглу, претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије-Северна Македонија и пратеник од Бурса, Ахмет Килич, пратеник на АК Партијата од Ван, Кајхан Туркменоглу, пратеник на АК Партијата од Чорум, Јусуф Ахлатџи, заменик-претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије - Северна Македонија и пратеник на ЏХП од Киркларели, Веџди Гундогду, пратеникот на МХП од Бурса, Февзи Зирхлиоглу, пратеник на партијата Саадет од Измир, Мустафа Билиџи и амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој.
За време на досегашниот престој во Скопје претседателот на турскиот парламент се сретна со неговиот колега Африм Гаши, со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а учествуваше и на свечен прием по повод 21 Декември – Ден на наставата на турски јазик во Северна Македонија.
Куртулмуш ќе учествува и на активност организирана во училиштето „Маариф“ во Тетово по повод 21 Декември.
Турската заедница во Северна Македонија вчера го одбележа Денот на образованието на турски јазик, во знак на сеќавање на 21 декември 1944 година, кога во основното училиште „Тефејјуз“ во Скопје започнала наставата на турски јазик. Со одлука на Владата на Северна Македонија, од 2007 година овој ден е неработен за турската заедница во Северна Македонија.