Ivana Ramadanova
23 Ноември 2017•Ажурирај: 24 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Зголемување на нивото на имплементација на Стратегијата за Ромите 2014 - 2020 и на Националните акциони планови за домување, вработување, здравство, образование и зајакнување на положбата на жената Ромка, е темата на седмиот Работен состанок за социјална инклузија на Ромите во Македонија, којашто се одржа денеска во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот, свое обраќање имаше министерот без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Самка Ибраимоски, кој истакна дека интересот на европските институции за подобрување на положбата на Ромите во Македонија е голем и претставува услов за членство во европското семејство, преку исполнување на одредниците по поглавјето 23, кое се однесува на правосудството и на фундаменталните права.
„Во оваа насока, потребен е заеднички ангажман на сите нас. Заедно ќе можеме да оствариме повеќе и да се фокусираме на вистинска имплементација на стратешките приоритети за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија. Очекувам од денешната работилница да произлезат заклучоци кои ќе бидат реално остварливи за претстојниот период од 2 години, кои нам би ни биле водич кон исполнување на стратешката определба“, истакна Ибраимоски.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека треба во континуитет да се работи за социјалното вклучување на Ромите преку намалување на сиромаштијата и обезбедување можност тие да добијат документи, за да може да се регулира нивниот статус во државата и за да ги остварат своите здравствени и социјални права.
„За да обезбедиме подобра вклученост на Ромите во нашето општество, мораме да обезбедиме и зголемено вклучување на децата Роми во градинките, што е приоритетно за да има подобро вклучување во основното, средното образование и во високото образование. Исто, важно прашање е немаштијата, којашто е директно поврзана со вработувањето. Долгорочно имаме голем број невработени граѓани, воопшто, во Македонија, но Ромите се соочуваат со поголема вклученост на пазарна неформална економија, поради што во министерството се работи на стратегија за формализација на неформалната економија", изјави министерката Царовска.