Husamedin Gina
10 Април 2019•Ажурирај: 11 Април 2019
СКОПЈЕ (AA) – Амбасадорот на Словенија во Скопје, Милан Јазбец, истакна дека соработката на Словенија со Северна Македонија, како и поддршката на Турција за оваа земја во целиот процес во изминатите години се доста значителни, јавува Anadolu Agency (AA).
Словенечкиот амбасадор во Северна Македонија денес, во организација на Меѓународниот балкански универзитет, во Скопје одржа предавање на тема „Балканот и евроатлантските интеграции: Предизвици и перспективи“.
Во изјавата за медиумите пред почетокот на предавањето рече дека користејќи го 5-годишното искуство како амбасадор на Словенија во Турција, и сега како амбасадор во Северна Македонија, на младите ќе им ги пренесе неговите знаења од дипломатијата и науката.
„Идејата на ова предавање е пред младите да го промовираме квалитетното образование, размената на искуствата и нивното модерно подготвување за нивните кариери. Словенија, секако, е голем пријател на Северна Македонија. Сакам моите искуства како универзитетски професор и моите знаења во дипломатијата да ги пренесам на студентите на Меѓународниот балкански универзитет, меѓутоа и на сите други во општеството“ рече Јазбец.
Одговарајќи на новинарско прашање, како со неговото искуство како амбасадор во Турција и Северна Македонија може да придонесе во понатамошната соработка меѓу трите земји, Словенија, Турција и Македонија, Јазбец се осврна, на според него, два значајни аспекти.
„Сакам да се осврнам на два аспекти, што верувам дека се значајни: Словенија беше прва земја што отвори Амбасада во вашата држава, и првата земја што го ратификуваше протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО. Треба да се напомене и примерот на Турција дека е првата земја што ја призна државата под нејзино тогашно уставно име, а Словенија втора. Словенија прва отвори Амбасада, а Турција втора“, рече Јазбец.
Според неговите зборови, „не само соработката на Словенија со Северна Македонија, туку и поддршката на Турција во целиот процес во изминатите години е доста значителна“.
Тој, исто така, посочи дека младите генерации треба да се насочат кон образованието и нивните успешни кариери.
„Токму денешниот настан е најголем приказ за тоа што треба да правиме во нашите ангажмани, моето предавање пред студентите од 20-тина земји е најдобриот показател кон која цел треба да се насочат младите генерации, а тоа е образованието и нивните успешни кариери во иднина“, нагласи амбасадорот на Словенија.
На настанот присуствуваа и ректорот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, проф. д-р Мехмед Дурсун Ердем, и Фуркан Чако, член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.