Zülfiya Yakup
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
ПРИШТИНА (AA) - Шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, порача дека Косово не смее да ја испушти можноста утре на продолжението од вонредната седница на Собранието да го ратификува нацрт-законот за државната граница помеѓу Косово и Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
По редовниот состанок со претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, Апостолова во обраќањето до медиумите изјави дека Косово утре ќе има важна посета од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, комесарот Јоханес Хан и високата претставничка Федерика Могерини, која ќе биде добра можност да се покаже единство во Собранието во текот на гласањето на договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
Истовремено истакна дека во последните недели се забележани два важни чекори во процесот за демаркација на границата помеѓу Косово и Црна Гора: првиот беше заедничката изјава на двајцата претседатели на Црна Гора и на Косово, а вториот е постигнатиот договор во текот на викендот меѓу речиси сите политички партии за гласање за демаркацијата со Црна Гора.
„Ратификацијата ќе биде важен чекор на патот кон либерализација на визите за Косово. Косово треба да ја продолжи борбата против организираниот криминал и корупција, потребни се вложувања уште напори, но ратификацијата нè води поблиску до либерализација на визите. Пратениците треба да мислат на граѓаните на Косово и на иднината на Косово во ЕУ“, рече Апостолова.
Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, рече дека Косово низ историјата загуби многу шанси и дека повеќе нема да прифаќа да губи. Тој порача дека Косово ќе ја исполни секоја обврска кон ЕУ и дека ратификацијата на демаркацијата на границата и либерализацијата на визите треба да се случат утре. Тој побара од целиот политички спектар утре да биде заедно, а од ЕУ побара да го поддржи Косово.
„Нашите граѓани од нас очекуваат многу, очекуваат утре да гласаме и ние треба да го направиме тоа. Не треба да доцниме и да пропуштаме можности. Најголемиот патриотизам на Косово е ориентација на нашата сувереност кон Запад. Тој што е да се намали влијанието на Русија, а да се засили присуството на Западот, САД и ЕУ, ќе гласа утре“, рече Весели.
Тој рече дека верува во неговите колеги кои сè уште не одлучиле да гласаат, затоа што Косово се наоѓа пред иднина која ќе отвори перспектива за граѓаните на Косово кон интеграција во ЕУ и кон посилно пријателство со САД. Исто така, нагласи дека од утрешната посета на високата делегација на ЕУ очекува позитивни сигнали за сигурната европска перспектива на Косово.
Против спогодбата за демаркација се изјаснија пратениците од „Српска листа“ и опозиционото движење „Самоопределување“. Бидејќи за ратификација на спогодбата се потребни 2/3 од мнозинството или 80 гласови на пратениците, а владејачката коалиција има 61 глас, сè уште не е сигурно дали ќе има доволно гласови за да помине демаркацијата.
Собранието на Црна Гора веќе ја ратикуваше спогодбата потпишана во август 2015 година, додека опозицијата во Собранието на Косово, чијшто дел беше и Рамуш Харадинај, со насилство и солзавец ја спречи ратификацијата на оваа спогодба. Ратификацијата на демаркацијата со Црна Гора, покрај борбата со корупцијата, е преостанат услов за визна либерализација на граѓаните на Косово.