Admir Fazlagic
13 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Владата на Република Македонија денеска се одржа заедничка прес-конференција на која се обратија заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, при што беше истакнато дека со Преспанскиот договор е „решен најголемиот надворешно-политички проблем“, кој на Македонија ѝ создавал потешкотии уште од нејзината независност, јавува Anadolu Agency (AA).
„За помалку од една година направивме пробив кој нуди можности за Македонија и нашите граѓани, направивме промени кои ги забележа целиот свет. Изминатата година не беше лесна, но направивме подвиг и го обезбедивме местото за Македонија на масата на НАТО“, рече Шекеринска. Taa изрази задоволство од успехот на гласањето на уставните измени во Собранието.
„Членството во НАТО кое станува извесно е најсилна гаранција за стабилност, сигурност, за неменливост на границите, за зачувување на територијалниот интегритет на Македонија, но во исто време дава гаранции за сите сегашни и идни домашни и странски инвеститори и е вистинска политика како во Македонија да создаваме повеќе и подобро платени работни места“, рече Шекеринска.
Според нејзините зборови, од денеска целиот фокус на Владата ќе биде насочен кон домашните реформи, кон принципот на владеење на правото, борба против корупцијата, економски раст, зголемена социјална сигурност.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во своето обраќање ја потенцираше важноста на решавањето на овој повеќедецениски спор за започнувањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија.
„Успехот на Македонија и Грција да ги затворат отворените прашања, успехот на Преспанскиот договор, претставува поттик, претставува пример и за останатите земји од Западниот Балкан за тоа како се градат добри односи со соседите, како преку компромиси, преку разговори и позитивен пристап се затвораат отворените прашања“, нагласи Османи, упатувајќи порака и до соседите - Косово и Србија, со повик да го следат примерот на Македонија и Грција, да ги отворат и прошират своите политички видици и да создадат можност за политички компромис, за кој посочи дека ќе претставува успех и за целиот регион.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, потенцираше дека земјата го решила најголемиот надворешно-политички проблем кој ѝ ја затворал вратата за напредок и ја влечел назад.
„Го решивме најголемиот надворешно-политички проблем кој како камен на плеќите ни тежеше од почетокот на нашата независност. Ги отвораме вратите кон иднината, си ја презедовме одговорноста, ја заокруживме нашата државност, го заштитивме идентитетот и обезбедивме сигурна иднина за нашите идни генерации“, изјави министерот Никола Димитров, и додаде дека „сега е време да го фатиме возот за ЕУ и да се приспособиме на контекстот во регионот, Европа и светот."
„Успеавме да докажеме дека во нашиот дел од Југоисточна Европа можеме да спроведуваме европски вредности на дело. Да работиме на доверба, да работиме на разбирање, да се фатиме во костец со тешки повеќедецениски проблеми, да ги решиме. Тоа практично значи дека така и настана Европската Унија, и затоа во сите честитки се вели дека ова што го постигнавме е инспирација за сите во ЕУ. Од соседите направивме пријатели и сојузници“, потенцираше министерот Димитров.
Потсетуваме, со 81 глас „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието на Република Македонија во петокот ги усвои уставните измени, со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, по стапување во сила на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор).