Admir Fazlagic
12 Септември 2019•Ажурирај: 15 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров имаше средба со својот колега, министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хеико Мас, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека на средбата беше направен пресек на постигнатото, актуелните случувања и изгледите во однос на очекувањата од октомврискиот Совет на Европската унија (ЕУ).
Во соопштението се наведува дека министерот Димитров изразил благодарност за принципиелната и конзистентна германска поддршка и пријателство и уверување дека во октомври нема да се испушти приликата за заеднички успех. На средбата биле разгледани билатералните односи и можностите за нивно продлабочување особено во делот на економската соработка.
Германскиот министер Мас, ја реафирмирал поддршката за Северна Македонија, истакнувајќи дека е оптимист во однос на очекувањата од Советот на ЕУ во октомври и дека „не гледа веќе никакви пречки за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ”, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
„Оваа година сум чест посетител на Берлин и денес, непосредно во очи на октомврискиот Совет на ЕУ, сум дојден да разменам мислења со нашите германски пријатели и да нагласам уште еднаш дека Северна Македонија претставува недвосмислена можност за заслужен и заеднички успех со ЕУ во октомври. Благодарни сме за германската поддршка и уверени сме дека европската перспектива ќе биде наскоро валидирана и препознаена и од сите останати земји-членки на ЕУ”, истакна министерот Димитров.
Шефот на македонската дипломатија се сретна и со државниот министер надлежен за Европа, Михаил Рот при што соговорниците разменија мислења околу конкретните реформски резултати што Северна Македонија ги постигна и поширокиот регионален и ЕУ контекст во пресрет на октомврискиот Совет.
Утре, Димитров продолжува со средби со пратеници од германскиот Бундестаг, советникот за надворешна политика на Канцеларката Меркел, како и со претставници на германското Министерство за надворешни работи.