Besar Ademi
06 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Шефот на Канцеларијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Македонија, Соња Божиновска - Петрушевска, по средбата со директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, изјави дека трговијата со мигранти и бегалци е многу актуелна во Македонија и има тенденција на пораст, јавува Anadolu Agency (AA).
Петрушевска најави дека на целата територија на Македонија остануваат заглавени околу 250 бегалци кои се сместени во прифатните центри во јужниот и северниот дел на државата, како и во центарот за азил во Скопје.
„Доста актуелна состојбата на криумчарење на мигранти, така да бројот на идентификувани случаеви на криумчарење на мигранти некаде од април до крајот на октомври оваа година е повеќе од 45 коишто вклучуваат и повеќе од 1000 случаеви. Значи,има тенднеција на пораст на криумчарењето“, рече Петрушевска.
Сепак, како што истакна Петрушевска, минатата недела имало тренд на намалување на пристигнувањата на влезните точки во Европската унија. Таа информираше дека минатата недела имало околу 144 влегувања во Грција и околу 250 во Бугарија, додека во Италија е регистррирано зголемување, каде што минатата недела биле регистрирани околу 2.200 имигранти.
Од друга страна, директорот на Центарот за управување со кризи (ССМ), Агрон Буџаку, истакна дека со оглед на бегалската криза со која се соочува Македонија во текот на изминатите две години, предизвикува проблеми за земјата од аспект на безбедноста, како и од хуманитарниот аспект кон бегалците и имигрантите.
„Оваа кризна состојба не упати на механизмот на соработка на националните институции и меѓународните организации чија функција е спроведување на насоките и нормите на обединети нации. Со оглед на тоа дека мигрантската криза е сеуште актуелна,не само кај нас туку и во останатите земји во светот меѓусебна соработка и координација на владините тела и меѓународните организации треба уште повеќе да се унапреди и интензивира со цел да се обезбеди најдобар можен одговор за грижа или транспорт на бегалците и мигрантите“, изјави Буџаку.
Буџаку додаде дека потребен е интензивен заеднички пристап на национално и меѓународно ниво, со цел да им се помогне на бегалците и имигрантите, во случај доколку повторно има нов бран на бегалци.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) во пресрет на Меѓународниот ден на мигранти - 18 декември, потпишаа договор за донација на компјутерска опрема на ЦУК, со цел да се зајакне институционалниот капацитет, особено во справувањето со бегалската криза.
На овој состанок беше најавена меѓународна научна конференција на тема „Современите концепти на управување со криза“, која ќе се одржи на 15-ти и 16-ти овој месец во Охрид, каде што домашни и странски експерти ќе разговараат за меѓународниот пристап кон бегалската криза.