Saimir Alija
06 Март 2020•Ажурирај: 08 Март 2020
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Парламентот на Австрија, Волфганг Соботка, во рамки на посетата на Албанија, се сретна со претседателот на Парламентот на Албанија, Грамоз Ручи, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата, Соботка и Ручи одржаа заедничка прес-конференција на која се фокусираа на прашањата за европска интеграција и соработката меѓу двете земји.
Ручи нагласи дека Австрија е еден од најсилните поддржувачи на напорите за европска интеграција на Албанија и Западен Балкан.
„Заедно го потпишавме Договорот за разбирање меѓу двата парламенти за формирање на центарот за средбите за демократија во Парламентот на Албанија, кој ќе го зголеми капацитетот за граѓанско образование, интересот на младите за политика и демократските процеси“, рече Ручи.
Според него, Албанија постигнала напредок во насока на условите поставени од страна на Советот на Европа во текот на 2018 година.
Ручи нагласи дека упатил благодарност до Соботка поради улогата на Австрија во врска со Косово, и дека Албанија силно го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија.
Соботка истакна дека Парламентот на Австрија има одлични односи со сите земји на ЕУ и со шесте земји на Западен Балкан.
„Нашите билатерални односи меѓу парламентите имаат за цел интензивирање на политичките и економските односи. Мојата главна цел е да ја поддржувам Албанија и другите пет земји на Западен Балкан на патот кон членството во ЕУ“, нагласи Соботка.
Тој рече дека демократијата има потреба од доверба на граѓаните во законодавната и извршната власт, како и во правните органи.
„Австрија го цени тоа што Албанија го има направено досега во текот на ова патување. Сега веќе постои нова методологија за отворање на преговорите. Се надеваме дека во март Европската комисија ќе донесе позитивна одлука за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија“, додаде тој.
Соботка се осврна и на прашањето за мигранти: „Тоа е јасна препорака на Европа, тоа е една јасна цел соопштена за спречување на илегалната миграција и за помагање на тие луѓе кои навистина имаат потреба, како и за заштита на границите. Сигурно дека ние стоиме до земјите од Југоисточна Европа.“