живот, Балкан

Македонец од Виена создаде сопствен бренд на часовници: „11и11 Саат“ е симбол на дизајн, филозофија и детал

- Кога љубовта кон дизајнот и прецизноста се спојуваат со македонска креативност, резултатот е „11и11 Саат“ – часовник со необичен изглед, автентична приказна и потенцијал за глобален успех, јавува Анадолу.

Aida Cako  | 28.06.2025 - Обновена : 28.06.2025
Македонец од Виена создаде сопствен бренд на часовници: „11и11 Саат“ е симбол на дизајн, филозофија и детал

СКОПЈЕ

– Аида ЦАКО


Кога љубовта кон дизајнот и прецизноста се спојуваат со македонска креативност, резултатот е „11и11 Саат“ – часовник со необичен изглед, автентична приказна и потенцијал за глобален успех, јавува Анадолу.

Зад оваа идеја стои Петар Кајевски, Македонец кој живее во Австрија, љубител на часовници и автор на еден од најуникатните концепти на дизајнерски часовник што доаѓа од овие простори.

Тој во разговор со Анадолу изјави дека љубовта кон часовниците започнала пред неколку години, но првите идеи за свој производ се појавиле кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година – токму кога светот „застана“ поради пандемијата.

Тој го контактирал пријателот и дизајнер со идеја, како што вели „да направиме нешто свое“.

Тоа нешто, вели Петар, постепено прераснало во нешто „многу посложено, посериозен проект кој не се сведува само на печатење на некаков бројчаник“.


- Концептот „11и11“: повеќе од време

Името „11и11“ не е случајност, туку внимателно избран симбол.

За разлика од стандардната поставеност со броеви 3, 6, 9 и 12, овде бројките се 5, 8, 11 и 2 – со што се добива нов визуелен баланс.

Кајевски го објаснува како визуелна и филозофска игра: симетрија, рамнотежа, време кое е на граница меѓу едно и друго, па дури и некаков вид среќен миг.

Таа одлука му дала слобода да го распредели дизајнот на поинаков начин, а самото име „11и11“ доаѓа како следен чекор од класичната позиција на стрелките 10:10, кои се користат на промотивните фотографии во часовничарската индустрија.

„Прво размислував за ’5 до 2‘, но тоа не звучеше добро. Потоа ми текна дека 11 и 10 е подобро, а најубаво звучи 11 и 11. Тоа е и следниот чекор од класичната симетрија со стрелките на 10 и 10“, објаснува тој.


- Инженерска храброст: круната како дел од бројот

Еден од најиновативните моменти во дизајнот е позицијата на круната, која е вградена директно во бројот 8.

„Досега немам видено дека самата круна, која обично си стои на 3 часот и не прави ништо визуелно само си има функционална работа, е вклучена практички како дел од осумката, и тоа беше нешто да го направиме интересно“, вели Петар за АА.

Овој пристап барал сериозни технички предизвици – круната морала да се прилепи до куќиштето повеќе од стандардното, што барало прецизна инженерска работа и нови технолошки решенија.


- Швајцарска изработка, македонски потпис, виенска прецизност

Часовниците се изработуваат во Швајцарија, земјата со најдолга часовничарска традиција во светот. Но сржта на „11и11 Саат“ е длабоко поврзана со Северна Македонија.

„Логото ’11и11‘ е на кирилица. Во заднината на часовникот во дизајнот пишува ’седум осмини‘ – што е традиционален ритам во македонската музика. А има и три четвртини – референца за виенскиот валцер, и мало крвче за швајцарското знаме“, објаснува Петар.

Првиот прототип на часовникот е создаден по цели четири години работа, со тим составен од македонски дизајнери и инженери.

Вкупно се произведени 900 парчиња, од кои 600 се кварцни, а 300 механички.

Иако првично насочен кон македонскиот пазар, Петар има јасна визија – часовникот да се пласира глобално.

„Ми беше идејата да одам глобално, но во однос на бизнис-приоритети сепак решив прво да почнам со Македонија, но дури допрва почнувам сериозно со маркетинг-настапи на меѓународно ниво.“

Часовникот „11и11 Саат“ не е само производ, туку приказна – за време, за идентитет, за дизајн. А тоа е она што го прави уникатен.

„Не е некоја традиција конкретно од Македонија, но е изработено од луѓе од Македонија и секогаш има начин како да се воведат мали детали внатре“, вели Петар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.