Турција и Етиопија одбележуваат еден век дипломатски односи
Бројот на турски амбасади низ Африка е зголемен, во 2005 година во Африка имаше12 амбасади, додека во 2026 година има 44
АНКАРА (АА) – Дирекцијата за комуникации на Турцијa организираше панел-дискусија во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, во рамките на одбележувањето еден век дипломатски односи помеѓу двете земји, истакнувајќи ги долгогодишното партнерство и проширената соработка, јавува Анадолу.
На панел-дискусијата насловена „Односите меѓу Турција и Етиопија: Еден век дипломатија, вечно пријателство“, присуствуваа амбасадорот на Турција во Етиопија, Берк Баран, претставници на академската фела, функционери, новинари и претставници на меѓународни организации и на граѓанското општество.
На настанот беше прочитана пораката од директорот за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран. Во пораката Дуран истакна дека односите меѓу Турција и Етиопија, кои континуирано се развиваат по линија на стратегиско партнерство, дополнително се продлабочени по иницијативата за Африка на претседателот Реџеп Таип Ердоган, започната во 2005 година.
Бројот на турски амбасади низ Африка е зголемен, имено во 2005 година во Африка имаше12 амбасади, а во 2026 година има 44, посочи Дуран. Тој нагласи дека Турција ги гледа односите со Етиопија како придонес кон мирот, стабилноста и заедничкиот просперитет во подрачкјето на Рогот на Африка. Исто така, ја истакна уникатната позиција на Адис Абеба како домаќин на седиштето на Африканската унија и центар на мултилатералната дипломатија.
Дуран го опиша панелот како вредна платформа што нуди сеопфатна дискусија за политичките, економските и културните димензии на односите, земајќи ги предвид историскиот континуитет и актуелната регионална динамика.
Говорејќи на отворањето, амбасадорот Баран изјави дека односите помеѓу Турција и Етиопија се темелат врз долга историја, при што ја истакна важноста на нивните историски односи. Панел-дискусијата има цел да го оцени ова наследство и преку дијалог и размена на мислења да создаде посилна основа за идна соработка.
Панелистите рекоа дека дипломатските контакти помеѓу двете земји датираат уште од 1896 година, со отворањето на првата резидентна амбасада на Турција, во потсахарска Африка, во Адис Абеба, 1926 година.
Говорниците ја нагласија заемната доверба, стратегиското усогласување и соработката во области, како образованието, економските односи и јакнењето на воените капацитети.
Исто така, потенцирана е важноста и на медиумската соработка и борбата против дезинформациите во насока на поддршка на одржливи билатерални односи и регионална стабилност.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
