Турција

Симболот на Истанбул: Комплексот „Сулејмание“ одбележува 463 години постоење

Изградбата на комплексот, најсимболичната структура од османлискиот период, кој со својата позиција претставува најубав дел од силуетата на Истанбул, започната е во 1550 година

Çiğdem Münibe Alyanak  | 16.10.2020 - Обновена : 18.10.2020
Симболот на Истанбул: Комплексот „Сулејмание“ одбележува 463 години постоење Фото: Metin Pala/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - ЧИГДЕМ АЛЈАНАК - 


Комплексот „Сулејмание“ веќе 463 години успева да ја сочува својата слава. Архитектот (Мимар) Синан, со клучот добиен од султанот Сулејман Величествениот, на церемонијата на која присуствувале познати лица од државата, кажувајќи ја молитвата „Ја Фетах“, го отворил овој комплекс на 15 октомври 1557 година.

Поетот Јахја Кемал кој со стиховите „Да биде најубавото светилиште на последната религија / тоа е суштината за која сонува архитектурата“, го изразува духот на комплексот „Сулејмание“, изграден од архитектот (Мимар) Синан на третиот рид во Истанбул по налог на султанот Сулејман Величествениот.

Изградбата на комплексот, најсимболичната структура од османлискиот период, кој со својата позиција претставува најубав дел од силуетата на Истанбул, започнала во 1550 година. Комплексот „Сулејмание“ е изграден за седум години со материјали донесени од различни делови на тогашната османлиска држава.

Според историчарот Печеви, за изградбата на комплексот биле потрошени 896.360 златници и 82.900 монети акче (сребрени монети), односно приближно 3.200 килограми злато. За време на седумгодишната изградба на комплексот учествувале 3.523 работници, од кои 713 муслимани. 
Во изградбата на комплексот, каде што во текот на летните месеци дневниот број на работници достигнувал и 2.000 лица, учествувале членови на персоналот на архитектите „Хаса“ (здружение на архитекти во Отоманското Царство), почетници, припадници на војската и платени мајстори и работници од сите делови на османлиската држава.

Архитектот (Мимар) Синан, кажувајќи ја молитвата „Ја Фетах“, со клучот добиен од султанот Сулејман Величествениот, на 15 октомври 1557 година го отворил комплексот со церемонија на која присуствувале познати лица на државата. 


- Комплексот се состои од 15 секции -


Комплексот се состои од 15 секции: џамија, поголем број медреси, гробницата на султанот Сулејман Величествениот, гробницата на Хурем Султан, библиотека, мавзолеј, болница, простор за исхрана на сиромашните, гробницата на архитектот (Мимар) Синан, турска бања и простор во кои се сместени бездомници и сиромашни.


Несомнено, најважниот дел од комплексот претставува џамијата „Сулејмание“, каде што се соединуваат величественоста и елеганцијата.

Орнаментите и украсите користени во декорот на џамијата сами по себе се чудо на естетиката.

Сурата „Ал Фатихa“ (поглавје од муслиманската света книга Куран) е напишана на плочките што се наоѓаат на прозорците од двете страни на михработ, а сурата „Нур“ е напишана на главната купола на џамијата.

Текстовите во џамијата се напишани од познатиот калиграф Ахмед Карахисари Шемседин Ефенди и неговиот ученик Хасан Челеби. Подоцна, и воениот судија Мустафа Ефенди додал неколку написи.


Четири слоновски стапала, секое со тежина од околу 30 тони, посветени на четирите халифати, ја носат куполата на џамијата, која е со дијаметар од 26,50 метри и висока 53 метри.


Четирите минариња симболизираат дека Сулејман Величествениот е четвртиот султан на Османлиското Царство по освојувањето на Истанбул, а десетте места за повикување на молитва на минарињата, симболизираат дека тој е десеттиот султан на оваа империја.

- Комплекс со 1.000 куполи -

Структурните објекти во комплексот кои ставаат печат во силуетата на Истанбул, се наредени во форма „У“ околу џамијата поставена во средината. Комплексот го красат 1.000 куполи. Влезот во комплексот е преку 11 порти кои имаат различни имиња.


Медресите „Евел“ и „Сани“ (на арапски прва и втора) и медресите „Салис“ и „Раби“ (на арапски трета и четврта) претставуваат заедница на две одделни медреси како дел од комплексот.


Покрај медресите „Евел“ и „Сани“ се наоѓа библиотеката во „Сулејмание“. Во југоисточниот дел на комплексот се наоѓа хамам (турска бања со парење), додека на северот е сместена болница и дом за лекување на лица со душевни растројства.


Во комплексот, покрај гробниците на султанот Сулејман Величествениот, Хурем Султан и на архитектот (Мимар) Синан, вклучени се и дом за згрижување на сиромашни/стари лица, чаршии и основно училиште.

Делови од комплексот „Сулејмание“, како што се Офицерската медреса, „Дарул-Хадис“ (медреса во која се учи наука), „Дарул-Кура“ (места покрај џамии за учење на Куранот), Медреса-и Салис (трета медреса) и местото за давање храна на ученици и сиромашни, од почетокот на академската 2018-2019 година се домаќини на Институтот на Алијансата на цивилизации, Факултетот за исламски науки, Институтот за исламски науки, Центарот за наука и истражување „Сулејмание“ и Програмата за почести при Универзитетот „Ибн Халдун“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.