Турција

Колонската вода, традиционалниот мирис на гостопримството во Турција, заштитник од коронавирусот

„Колонската вода со мирис на лимон содржи 80 проценти етанол. Колонските води со мирис на јасмин, лаванда, амбер или бел чај содржат повеќе од 70 проценти алкохол, и исто така служат како ефикасно средство за дезинфекција“

Tuba Şahin  | 16.03.2020 - Обновена : 17.03.2020
Колонската вода, традиционалниот мирис на гостопримството во Турција, заштитник од коронавирусот

ИСТАНБУЛ (АА) - Во Турција, како и во сите земји, во екот на глобалната пандемија на Ковид-19, потребни се ефикасни мерки на јавното здравство и мудрото раководство во Турција, но повеќевековната традиција на масовна употреба на колонска вода во таа земја стана исклучително важна, а можеби и спасоносна практика, пишува Агенција Анадолија (AA).

Колонската вода на база на етанол во Турција се користи како знак на добредојде и на добрата волја во повеќето ресторани, хотели, во средствата за јавен превоз, и важи за еден од симболите на гостопримството во таа земја. Со колонска вода со пријатен мирис своите муштерии ги „почестуваат“ и фризерите, трговците и другите членови на општеството.

Тој знак на добрата волја и гостопримството во изминатите седмици сè повеќе се наметнува како ефикасна масовна мерка за дезинфекција на рацете, а можеби е и една од клучните мерки поради која е мал бројот на случаи на коронавирусот во Турција.

Досега во Турција има 18 потврдени случаи на коронавирусот и главно станува збор за луѓе кои биле во близок контакт со заразените поединци во Европа, Америка и Саудиска Арабија.

Првиот случај на коронавирус во Турција беше потврден минатата недела, а граѓаните веднаш побрзаа во продавниците да набават поголеми залихи на мирисна колонска вода на база на алкохол.

„Побарувачката за колонските води со мирис на цитруси, особено лимон, се зголеми за петпати“, изјави за АА Енгин Тунџер, сопственик на најголемиот производител на турската колонска вода „Ејуп Сабри Тунџер“.

Тој рече дека редиците пред продавниците за брендирана колонска вода се долги и по стотина метри. Додаде дека муштериите доаѓаат и со пластични канистери од по 20 литри за да купат колонска вода, но дека раководството на компанијата решило да продава максимум до еден литар и половина од таа течност по лице.

„Нема потреба од претерување. Литар и пол е доволен за два месеци затоа што по миењето на рацете потребни ви се само неколку грама колонска вода за дезинфекција“, вели Тунџер.

Турските власти минатата седмица привремено ја прекинаа употребата на етанолот за производство на бензин, со што сакаат да помогнат во зголемувањето на производството на средства за дезинфекција.

Тунџер го пофали овој потег и рече дека на тој начин се обезбедени 20.000 метри кубни етанол за производство на средства за дезинфекција, вклучително и на колонска вода.

„Произведуваме колонски води со различен мирис. Колонската вода со мирис на лимон содржи 80 проценти етанол. Колонските води со мирис на јасмин, лаванда, амбер или бел чај содржат повеќе од 70 проценти алкохол, и исто така служат како ефикасно средство за дезинфекција“, рече Тунџер.

Тој исто така рече дека компанијата ја прекинала испораката на производи за извоз за да ја задоволи побарувачката на домашниот пазар.

Властите во Турција воведоа голем број мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот, кој се појави во Кина кон крајот на минатата година и се прошири во над 150 држави и региони низ целиот свет. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија, а досега во светот од коронавирусот Ковид-19 починаа речиси 6.500 луѓе и околу 170.000 се заразени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.