Турција

Капетанот на турскиот брод „Оруч Реис“: „Гордост и чест е да служам на ‘сината‘ татковина“

„Нашиот брод има капацитети како и сите други сеизмички бродови што работат во меѓународните води...“

Murat Temizer  | 21.09.2020 - Обновена : 22.09.2020
Капетанот на турскиот брод „Оруч Реис“: „Гордост и чест е да служам на ‘сината‘ татковина“

АНКАРА (АА) - МУРАТ ТЕМИЗЕР –

Џанкат Узшен, капетанот на бродот за сеизмички истражувања „МТА Оруч Реис“, истакна дека претходно работел на многу бродови, и дека секогаш во срцето ја имал желбата еден ден Турција да поседува такви големи бродови за истражување на енергетските ресурси.

„Кога одевме по различни земји и кога ги гледавме бродовите за сеизмички истражувања, се прашувавме дали еден ден нашата држава би имала вакви бродови. Го сонувавме тоа. Потоа со напорите на нашата држава за ‘Национална политика за енергетика и рударство‘ стигнавме до овие бродови.“

Капетанот Џанкат Узшен за Агенција Анадолија (АА) говореше за тековните случувања во Источниот Медитеран со бродот „Оруч Реис“.

Узшен истакна дека пред да заминат на локацијата Демре-1 на 9 август, стигнале во пристаништето во Анталија за 35-дневни интензивни подготовки.

Откако е извршено примопредавањето меѓу персоналот, Узшен рече дека со пораката Навтекс (извесување за морнарите) дадена на 10 август тргнале кон локацијата на проектот.

Истакнувајќи дека на бродот има вкупно 54 лица, меѓу кои се наоѓаат капетанот на бродот, службеници на палубата, механичари, морнари и технички персонал, Узшен рече: „Екипажот беше постојано на бродот. Овој процес го надминавме без никакви тешкотии бидејќи беа преземени мерки против пандемијата.“

- „Гордост и чест е да служам на ‘сината‘ татковина“ -

Узшен, истакнувајќи дека на бродот работеле во две смени по 12 часа, рече дека одморот е многу важен поради чувствителноста на работата.

Подвлекувајќи дека посветувале големо внимание на спиењето, Узшен додаде:

„Нашиот брод има капацитети како и сите други сеизмички бродови што работат во меѓународните води. Нашиот персонал може да гледа телевизија, да седи во салонот и да игра разни игри. Имаме библиотека, маса за пинг-понг и теретана. Исто така имаме пристап и до интернет.“

Узшен ја истакна важноста да се служи во регионот наречен „Сина татковина“, додаде:

„При операциите што ги спроведувавме во овој регион, со мерките преземени од Турските вооружени сили не беше дозволена никаква интервенција врз нас. Бидејќи во овој процес нашата морнарица беше со нас, тоа претставуваше дополнителен извор на мотивација за вработените на бродот. Ние се обидовме одговорно да ја исполниме нашата должност. Во никој случај не бевме загрижени ниту малку. Служењето во регионот што го сметаме за ‘Сина татковина‘ е гордост и чест за нас.“

- „По планираното одржување ќе продолжиме со работата“ -

Истакнувајќи дека по 35-дневното работење, планирани се рутински контроли на бродот, Узшен рече: „Откако ќе бидат извршени планираните одржувања и контроли и откако ќе се заврши промената на персоналот, ќе спроведеме тест за пловидба во Анталија. Потоа ќе продолжиме да работиме по упатствата.“

Наведувајќи дека работи како капетан за далечни патувања од 2010 година, Узшен нагласи:

„Работев и за странски и за турски бродови. Кога одевме по различни земји и кога ги гледавме бродовите за сеизмички истражувања, се прашувавме дали еден ден нашата држава би имала вакви бродови. Го сонувавме тоа. Потоа со напорите на нашата држава за ‘Национална политика за енергетика и рударство‘ стигнавме до овие бродови. Потоа размислував дали еден ден ќе може да работам на бродот “Оруч Реис‘. Работевме напорно, во професијата работевме во вистински правец. Благодарение на работата сега сме тука. Ова е голема шанса за мене и за нашиот персонал.“

Бродот „Оруч Реис“, кој 90 отсто е домашно производство, може да изврши секакви геолошки, геофизички, хидрографски и океанографски истражувања и истражување на природните ресурси.

„Оруч Реис“, кој е еден од 5-6 целосно опремени и повеќенаменски истражувачки бродови во светот, може да изврши 2 и 3-димензионални сеизмички, гравитациони и магнетни геофизички истражувања.

Бродот може да изврши тродимензионални сеизмички операции длабоки до 8 илјади метри и дводимензионални сеизмички операции длабоки до 15 илјади метри.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.