спорт

Лига на шампиони: Атлетико подобар од Ливерпул, Борусија го совлада ПСЖ

Во првите натпревари од осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони Атлетико Мадрид го совлада Ливерпул со резултат 1:0

Yunus Kaymaz  | 19.02.2020 - Обновена : 19.02.2020
Лига на шампиони: Атлетико подобар од Ливерпул, Борусија го совлада ПСЖ

ИСТАНБУЛ (АА) - Синоќа со два натпревари започна осминафиналето во УЕФА Лигата на шампиони, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Актуелниот шампион во УЕФА Лигата на шампиони, најпрестижното европско фудбалско клупско натпреварување, екипата на Ливерпул, му гостуваше на тимот на Атлетико Мадрид. Домаќините со погодокот на Саул Нигес постигнат во 4. минута од средбата поведоа со 1:0 против фаворизираниот Ливерпул. Атлетико успеа да ја сочува резултатската предност до крајот на натпреварот и да извојува значајна победа.

Екипата на Ливерпул, која во текот на 90 минути не упати ниту еден шут кон голот на противникот, го претрпе својот прв пораз во 2020 година.

- Халанд повторно ја затресе мрежата -

Во вториот натпревар од Лигата на шампионите се сретнаа Борусија Дортмунд и гостите од Франција, екипата на Париз Сен Жермен.

Првото полувреме помина без погодоци 0:0. Во второто полувреме Борусија Дортмунд успеа да поведе со 1:0 благодарение на погодокот на Ерлинг Халанд. Во 75. минута од средбата ПСЖ изедначи на 1:1 преку Нејмар. Но радоста на гостите траеше кусо, бидејќи веќе во 77. минута Халанд постигна погодок за конечни 2:1 и победа на домаќините.

Вечерва на програмата се уште два натпревари од осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони. Натпреварите започнуваат во 21:00 часот, а се среќаваат Аталанта - Валенсија и Тотенхем - Лајпциг.

Реванш-средбите од овие натпревари се закажани за 10 и 11 март.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.