Денес на ЕВРО 2020 се играат два натпревари во групата Д
- Денеска се играат два натпревари во групата Д на Европското фудбалско првенство ЕВРО 2020, Чешка - Англија и Хрватска - Шкотска

СКОПЈЕ
Денеска се играат два натпревари во рамките на Европското фудбалско првенство ЕВРО 2020, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во последните натпревари од групната фаза на ЕВРО 2020, денес се играат натпреварите во групата Д. Средбите Чешка - Англија и Хрватска - Шкотска ќе се играат во ист термин, со почеток во 21:00 часот.
Репрезентациите на Чешка и Англија имаат по 4 бода во оваа група, така што евентуалниот победник ќе го загарантира пласманот во осминафиналето на ЕВРО 2020. Во вториот дуел, во кој се среќаваат Хрватска и Шкотска, и двете репрезентации имаат по 1 бод и победата на која било репрезентација ѝ дава шанса како една од четирите најдобро третопласирани репрезентации да обезбеди пласман во наредната фаза од првенството. Во исто време доколку натпреварот заврши без победник, тогаш и двата тима директно ќе се пласираат во наредната фаза како две првопласирани репрезентации во групата.
Репрезентацијата на Чешка досега против Англија има одиграно 4 натпревари. Репрезентацијата на Чешка има извојувано една победа, еден натпревар заврши без победник, а репрезентацијата на Англија победи на две средби. Натпреварот се игра на Стадионот „Вембли“ во Лондон.
Во вториот натпревар од оваа група се среќаваат репрезентациите на Хрватска и Шкотска. Овие две репрезентации досега се имаат сретнато на 5 натпревари. Хрватска нема победа против Шкотска, три средби завршија без победник, а Шкотска двапати ја совлада Хрватска. Натпреварот се игра на Стадионот „Хампден парк“ во Глазгов, Шкотска.
- Одиграни 4 средби во групите Б и Ц
Вчера се одигра 4 натпревари во групите Б и Ц. Во групата Ц играа Северна Македонија - Холандија и Украина - Австрија. Холандија ја совлада Северна Македонија со 3:0. Головите за Холандија ги постигнаа Мемфис Депај во 24. минута и Вајналдум во 51. и 58. минута од средбата. Натпреварот се одигра на Стадионот „Јохан Кројф арена“ во Амстердам.
Во вториот дуел играа Украина и Австрија. Репрезентацијата на Австрија ја совлада Украина со резултат 1:0, а единствениот гол за Австријците го постигна Кристоф Баумгартнер во 21. минута од средбата. Натпреварот се играше на Стадионот „Национална арена“ во Букурешт, главниот град на Романија.
Холандија со 3 победи од 3 средби го освои првото место во групата со 9 бода. Второпласирана е Австрија со 6 бода, а на третото и четвртото место се наоѓаат Украина и С. Македонија. Директен пласман во осминафиналето на ЕВРО 2020 обезбедија Холандија и Австрија, а Украина ќе го чека исходот од преостанатите натпревари од групната фаза, бидејќи покрај првите две репрезентации од секоја група, пласман во наредната фаза ќе обезбедат и најдобрите 4 третопласирани репрезентации.
Во последните натпревари од групата Б се одиграа дуелите Финска - Белгија и Русија - Данска. Репрезентацијата на Белгија ја совлада Финска со резултат 2:0. Првиот погодок за Белгија беше автогол на голманот Лукаш Храдесцки во 74. минута, а вториот погодок го постигна Ромелу Лукаку во 81. минута.
Во вториот натпревар од групата, Данска со 4:1 ја совлада Русија. Головите за Данска ги постигнаа Микел Дамсгард во 38. минута, Јусуф Полсен во 59. минута, Андреас Кристенсен во 79. и Јоаким Махле во 82. минута од натпреварот. Единствениот гол за Русија го постигна Артем Џуба во 70. минута со удар од белата точка.
Белгија со 3 победи од 3 натпревари и освоени 9 бода е на првото место во групата Б. Данска, Финска и Русија имаат по 3 бода, но Данска го освои второто место и обезбеди директен пласман во наредната фаза благодарение на подобрата гол-разлика.
Група Б
Репрезентација | Натпревари | Победи | Нерешени | Порази | Гол-разлика | Бодови |
Белгија | 3 | 3 | 0 | 0 | 6 | 9 |
Данска | 3 | 1 | 0 | 2 | 1 | 3 |
Финска | 3 | 1 | 0 | 2 | -2 | 3 |
Русија | 3 | 1 | 0 | 2 | -5 | 3 |
Група Ц
Репрезентација | Натпревари | Победи | Нерешени | Порази | Гол-разлика | Бодови |
Холандија | 3 | 3 | 0 | 0 | 6 | 9 |
Австрија | 3 | 2 | 0 | 1 | 1 | 6 |
Украина | 3 | 1 | 0 | 2 | -1 | 3 |
С. Македонија | 3 | 0 | 0 | 3 | -6 | 0 |