„Хафтар се стреми кон целосна воена придобивка во Триполи“
„Хафтар не сака да го загуби својот напредок во јужниот дел на Триполи. Поради тоа што, технички, можното повлекување во регионот поради прекинот на огнот, може да биде сфатено како пораз за силите на Хафтар“, изјави Пиринчи

АНКАРА (АА) - Водачот на нелегитимните вооружени сили во источна Либија, Калифа Хафтар, нагло ги напушти преговорите за прекин на огнот, со цел да ја сочува својата добро осмислена стратегија на военото поле, вели турски експерт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Професорот Ферхат Пиринчи, експерт за меѓународни односи и надворешна политика на Универзитетот „Улудаг“, изјави дека причините на Хафтар за напуштањето на преговорите во Москва се сведуваат на тактички и стратешки потег.
„Хафтар не сака да го загуби својот напредок во јужниот дел на Триполи. Поради тоа што, технички, можното повлекување во регионот поради прекинот на огнот, може да биде сфатено како пораз за силите на Хафтар“, изјави Пиринчи.
Тој, исто така, изјави дека постојат две стратешки политики меѓу овие причини.
Истакнувајќи го воениот напредок на Хафтар на боиштето, Пиринчи изјави дека Хафтар не сака да ја дели моќта во Либија.
„Хафтар беше блиску до целосно заземање на Триполи со неговите воени придобивки на терен, па поради тоа, тој не сака да биде само косоработник во можниот нов систем, туку тој сакаше да придобие сè“, смета експертот Пиринчи.
Како втор стратешки чекор, Пиринчи рече дека Хафтар не е независен актер во регионот, па затоа тој требало да ги убеди своите стратешки партнери како Франција, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија.
„Како што се подразбира, Хафтар беше должен да ги напушти преговорите поради неговите сојузници и покрај напорите на Русија“, рече експертот.
Пиринчи рече дека овој пристап ќе влијае на Хафтар и на неговото агресивно однесување и ќе ги промени перцепциите за него на меѓународниот фронт.
Тој вели дека Русија ќе продолжи да врши притисок врз Хафтар да се придржува кон привремениот прекин на огнот, што започна во неделата.
„Доколку Русија не го стори тоа, голема е веројатноста силите на Хафтар повторно да нападнат“, додава Пиринчи и истакнува:
„Заминувањето на Хафтар од масата за преговори ѝ даде предност на Владата за национално единство признаена од ОН и нејзините поддржувачи. Доколку силите на Хафтар ја загубат својата моќ и позиција на теренот, локалните актери што го поддржуваат Хафтар можат да ја критикуваат неговата политика и може да ја променат структурата на силите на Хафтар.“
Пиринчи ја советуваше Турција по неуспешните преговори да следи двострана стратегија.
„Од една страна, Турција треба да го зголеми дипломатскиот притисок врз Хафтар со преземање поголема политичка поддршка од Русија, Италија, Тунис, Катар и Алжир. Од друга страна, Турција треба да им даде поголема воена помош на силите на Либиската влада за национално единство (GNA) за да ги одвратат силите на Хафтар“, рече тој.
Од соборувањето на починатиот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две места на моќ: едно во источна Либија, поддржано главно од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и друго во Триполи, кое е признаено од ОН и меѓународната заедница.
На 12 јануари, завојуваните страни на либискиот конфликт најавија прекин на огнот како одговор на повикот на турскиот претседател Ердоган и на рускиот претседател Путин.
Во понеделникот, страните во либискиот конфликт се состанаа во руската престолнина Москва за да разговараат за прекинот на огнот, со цел да се стави крај на непријателствата во Либија и да се започне политички дијалог.
Сепак, Хафтар одби да го потпише договорот и го напушти состанокот откако Фајез ал-Сараџ, шефот на Либиската влада за национално единство (GNA), го потпиша договорот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.