ОН: Одлуката на Израел да одобри нови населби на Западниот Брег е „кршење на меѓународното право“
„Генералниот секретар ја осудува одлуката на Комитетот за високо планирање да даде одобрение за повеќе од 3.400 станбени единици во областа Е1 на окупираниот Западен Брег“

ИСТАНБУЛ (АА) – Обединетите нации (ОН) ја осудија одлуката на Израел да одобри илјадници нови станбени единици на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
„Генералниот секретар ја осудува одлуката на Комитетот за високо планирање да даде одобрение за повеќе од 3.400 станбени единици во областа Е1 на окупираниот Западен Брег“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар Антонио Гутереш.
„Израелските населби на окупираниот Западен Брег, вклучително и Источен Ерусалим, се кршење на меѓународното право и директно се спротивни на резолуциите на Обединетите нации. Напредокот на овој проект е егзистенцијална закана за дводржавното решение“, се додава во соопштението.
Во него се предупредува дека планот ќе го подели северниот и јужниот дел на Западниот Брег, сериозно поткопувајќи го територијалниот континуитет на окупираната палестинска територија.
Во соопштението се истакнува дека генералниот секретар „го повторува својот повик до Владата на Израел веднаш да ги запре сите активности околу населбите“ и ја повика „целосно да ги почитува своите обврски според меѓународното право“ во согласност со резолуциите на ОН и советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 19 јули 2024 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.