Израелската армија изврши нов упад во северниот дел на Западниот Брег, еден ден по повлекувањето
Според дописникот на Анадолу, низ градот и населбата се распоредени големи израелски сили и објавен е полициски час до понатамошно известување
ТУБАС/ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија изврши нов упад рано утринава во градот Тубас и блискиот град Акаба во северниот окупиран Западен Брег, еден ден откако се повлече од областа по четиридневната воена операција, јавува Анадолу.
Според дописникот на Анадолу, низ градот и населбата се распоредени големи израелски сили и објавен е полициски час до понатамошно известување.
Воени булдожери влегоа за да ги блокираат патиштата и да ги прекинат врските меѓу различните делови на губернијата.
Сведоците за Анадолу изјавија дека израелските трупи упаднале во повеќе палестински домови, а некои од нив ги направиле привремени воени позиции.
„Операцијата доаѓа само неколку дена по нападот што остави огромна штета на јавниот и приватниот имот, при што има стотици повредени и апсења последниве денови“, се вели во соопштението на губернијата Тубас.
Во посебно соопштение, Дирекцијата за образование на Тубас соопшти дека сите училишта и градинки ќе се префрлат на учење од далечина поради „воведувањето полициски час од страна на израелската армија, кое почнува во 4 часот наутро денес и ќе трае до понатамошно известување“.
Дирекцијата додаде дека датумот за продолжување на наставата со физичко присуство ќе биде утврден врз основа на развојот на настаните на терен.
Минатата среда израелската армија започна четиридневна воена операција во губернијата Тубас, во која беа вклучени градот, неколку околни села и бегалскиот камп Ал-Фара.
Армијата моментно спроведува уште една операција во градот Кабатија, јужно од Џенин во северниот дел на Западниот Брег, каде што воведе полициски час, неколку домови ги направи воени пунктови и притвори неколкумина Палестинци, според очевидци.
Израелската армија ги засили нападите врз Западниот Брег од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Оттогаш се убиени повеќе од 1.085 Палестинци, а 10.700 се повредени во нападите на армијата и на илегалните израелски доселеници на окупираната територија. Приведени се и повеќе од 20.500 луѓе.
Меѓународниот суд на правдата минатиот јули ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
