Шефот на парламентот лојален на Хафтар прогласи прекин на примирјето во Либија
Претседателот на Претставничкото собрание со седиште во Тобрук Акиле Салих соопшти дека примирјето во Либија е завршено и дека војната ќе продолжи

ТРИПОЛИ (AA) – Претседателот на Претставничкото собрание со седиште во Тобрук, Акиле Салих, соопшти дека примирјето во Либија е завршено и дека војната ќе продолжи, а станува збор за парламентот кој е лојален на сепарастичките сили кои ги предводи Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој за локална телевизија изјави дека силите на Хафтар од истокот на Либија првобитно се согласиле на примирјето кое го иницирале Турција и Русија и дека тоа го направиле од почит кон рускиот претседател Владимир Путин.
„За нас примирјето е завршено и војната ќе продолжи", порача Салих.
На прашањето да ја коментира неефикасноста на силите на Хафтар во нападите врз Триполи, Салих рече дека поради интервенција на Турција дошло до доцнење во реализација на целта на освојување на Триполи.
Репортерот на АА јавува дека во Триполи нема знаци за почеток на нови вооружени судири.
Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога е убиен либискиот лидер Муамер Гадафи. Од тогаш трае борбата за доминација помеѓу спротивставените табори со седишта во Триполи и Тобрук.
Лидерот на сепаратистичките сили на истокот на Либија, Калифа Хафтар, во април минатата година покрена напад за заземање на Триполи, што силите на меѓународно признаената Влада за национално единство на Либија го спречија. Хафтар на 12 декември минатата година покрена нов напад врз Триполи.
Примирјето во Либија стапи во сила на 12 јануари и тоа на повик кој претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин го упатија во средата од Истанбул.
Преговорите во Москва вчера не вродија со плод. Хатар по осумчасовните преговори го напушти главниот град на Русија без потпишување на мировниот договор.
За во недела е најавена меѓународна конференција за Либија во Берлин.