свет

СЗО: Минатата година од маларија спасени еден милион животи, но отпорноста на лекови го загрозува напредокот

Според најновиот Годишен извештај за маларија, иновациите поддржани од СЗО сè повеќе се вклучуваат во рутинските здравствени системи

Beyza Binnur Dönmez  | 04.12.2025 - Обновена : 04.12.2025
СЗО: Минатата година од маларија спасени еден милион животи, но отпорноста на лекови го загрозува напредокот

ЖЕНЕВА (AA) – Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека пошироката примена на нови алатки за борба против маларијата – меѓу кои двокомпонентни мрежи и вакцини препорачани од СЗО – помогнала да се спречат околу 170 милиони случаи и да се спаси еден милион животи во 2024 година, јавува Анадолу.

Според најновиот Годишен извештај за маларија, иновациите поддржани од СЗО сè повеќе се вклучуваат во рутинските здравствени системи. Од првото одобрување на вакцините во 2021 година, 24 земји ги вклучиле во своите национални програми за имунизација. Сезонската хемопрофилакса за маларија, исто така, значително е проширена – опфатени се 54 милиони деца во 2024 година, за разлика од само 200.000 во 2012 година.

Напредокот во елиминацијата продолжува, со 47 земји и една територија сертифицирани како слободни од маларија до денес. Кабо Верде и Египет добија сертификација во 2024 година, а Грузија, Суринам и Источен Тимор во 2025 година, се вели во извештајот.

И покрај значајните постигнувања, во извештајот се наведени 282 милиони случаи и 610.000 смртни случаи во 2024 година, односно околу девет милиони случаи повеќе од претходната година. Околу 95% од смртните случаи се регистрирани од СЗО во африканскиот регион, најмногу кај деца под пет години.

„Новите алатки за превенција ни даваат нова надеж, но пред нас има значајни предизвици“, предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.

„Растечкиот број случаи и смртни случаи, зголемената отпорност на лекови и намаленото финансирање ја доведуваат во прашање дведецениската борба против болеста. Но ниеден од овие предизвици не е ненадминлив“, додаде тој.

Извештајот посочува дека делумна отпорност на деривати на артемизинин е потврдена или постои сомнеж за во најмалку осум африкански земји, при што е забележано и намалување на ефикасноста на одредени терапии.

Дополнителни закани се: генетските промени што ја намалуваат точноста на брзите дијагностички тестови, резистенцијата на пиретроид во 48 земји, ширењето на комарците Anopheles stephensi, екстремните климатски услови, конфликтите и стагнацијата на глобалното финансирање, кое во 2024 година достигнало 3,9 милијарди долари – помалку од половина од целта за 2025 година.

„Извештајот е јасен: отпорноста на лекови се зголемува. Нашиот одговор мора да биде исто толку јасен – потребни се нови медикаменти со нови механизми на дејство“, изјави Мартин Фитчет, извршен директор на организацијата „Лекови за маларија“.

СЗО ги повика земјите што се ендемични за маларија да ги почитуваат обврските од Декларацијата Јаунде и да го забрзаат дејствувањето во рамките на иницијативата „Голем исчекор“ со цел да се заштитат постигнатите резултати и да се продолжи по патот кон свет без маларија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın