Најмалку 120 лица го загубиле животот за време или по полициски интервенции во Белгија од 2010 година
- Базата на податоци, која за првпат е составена од истражувачки новинари, покажува дека речиси половина од жртвите починале на местото на настанот или за време на апсењето
БРИСЕЛ (АА) – Најмалку 120 лица го загубиле животот за време или непосредно по полициски интервенции во Белгија во периодот од 2010 до 2026 година, покажува истражување објавено денес од белгиските медиуми „Кнак“, „Ле Виф“, Де Тајд“ и „Леко“, пренесува Анадолу.
Базата на податоци, која за првпат е составена од истражувачки новинари, покажува дека речиси половина од жртвите починале на местото на настанот или за време на апсењето. Меѓу починатите има и шест малолетници, а новинарите предупредуваат дека бројките веројатно се и повисоки.
Меѓу најпознатите случаи што ја одбележале јавната дебата се оние на Џонатан Јакоб, Јозеф Хованец, двегодишното девојче Мавда и 11-годишниот Фабијан.
Новинарите ги проверувале податоците преку вкрстување на информациите од медиумските извештаи со податоците на јавните обвинители, адвокати и членови на семејствата на жртвите, со цел да се потврди точноста на податоците.
Истражувањето покажува дека во 46 отсто од случаите смртта била поврзана со употреба на огнено оружје. Во 11 случаи жртвите биле удрени од возила, додека кај осум лица бил регистриран срцев удар за време или веднаш по полициската интервенција.
Според анализата, околу 45 отсто од лицата починале на местото на настанот или за време на апсењето, додека 17 отсто починале додека биле во полициски притвор. Во 40 отсто од случаите, лицата кои починале биле вооружени.
Брехт Кастел, истражувачки новинар во „Кнак“, изјави дека дел од случаите се поврзани со легитимна самоодбрана, но дека други отвораат прашања за одговорноста на полицијата.
„Без транспарентност, невозможно е да се спроведе вистинско истражување за работата на полицијата“, изјави Кати Верстрепен, адвокатка и претседателка на Лигата за човекови права, за „Кнак“.
Криминологот Софи де Кимпе посочи дека полициската култура во Белгија честопати ја гледа транспарентноста како закана, наместо како алатка за подобрување.
Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин изјави дека во сите случаи кога има смрт за време на полициска интервенција, се спроведуваат систематски истраги, а доколку е потребно се преземаат дисциплински или кривични мерки.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
