Над 200 загинати во насилствата во суданскиот регион Западен Дарфур
Комитетот за хуманитарна и здравствена итна помош во Западен Дарфур соопшти дека од 24 април досега животот го загубиле повеќе од 200 луѓе во судирите што избиле меѓу племињата од африканско и арапско потекло

КАРТУМ (АА) - Над 200 лица загинаа во судирите меѓу две племиња во суданскиот регион Западен Дарфур, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комитетот за хуманитарна и здравствена итна помош во Западен Дарфур соопшти дека од 24 април досега животот го загубиле повеќе од 200 луѓе во судирите што избиле меѓу племињата од африканско и арапско потекло во Кереиник во градот Ел Генеина. Десетици се повредени, а речиси 60.000 луѓе се раселени.
Четири авиони со 18 тони медицински материјали, лекови и друга хуманитарна помош Комитетот достави во регионот.
Комитетот, кој продолжува да е во контакти со меѓународните хуманитарни организации, соопшти дека добил позитивен одговор на повиците.
Обединетите нации (ОН) побараа итен прекин на насилствата и транспарентна истрага.
Светската здравствена организација (СЗО) повика на прекин на огнот во суданскиот Западен Дарфур.
Стотици луѓе ги губат своите животи, а илјадници се раселени секоја година поради племенските конфликти во суданскиот западен регион Дарфур, кој се состои од пет држави.
Во регионот каде што индивидуалното вооружување е вообичаено, повремено доаѓа до конфликти меѓу племињата поради земјиште, пасишта и водни ресурси.
Според податоците на ОН, од 2003 година досега 3 милиони луѓе се раселени, а повеќе од 300.00 загинаа во судирите што избиваат меѓу владините сили и вооружените движења во регионот Дарфур во западен Судан.