Кенија: На 2,8 милиони луѓе им е потребна итна помош поради сушата
- Кенија соопшти дека сушата го зголемила своето влијание низ целата земја и дека бројот на луѓе на кои им е потребна итна помош, достигна 2,8 милиони

ИСТАНБУЛ
Кенија соопшти дека сушата го зголемила своето влијание низ целата земја и дека бројот на луѓе на кои им е потребна итна помош, достигна 2,8 милиони, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Дејли нејшн“ (The Daily Nation), сушата, која ја зафати Источна Африка и предизвика стотици илјади луѓе да ги напуштат своите домови, во Кенија достигна ниво на тревога.
Портпаролот на Владата на Кенија, Сајрус Огуна, истакна дека бројот на Кенијци кои се под закана од глад, во септември 2021 година изнесувал 2,1 милион, а денес оваа бројка е зголемена на 2,8 милиони.
Националната институција за управување со суша соопшти дека бројот на деца со тешка неухранетост достигна 600.000.
Регионите каде што сушата е на ниво на тревога се Баринго, Исиоло, Мандера, Марсабит, Самбуру, Туркана, Ваир, Килифи, Ламу, Нјери, Западен Покот, Лаикипија и Гариса.
- Најлошата суша од 1980-тите
Најсилниот бран на суша во Источна Африка од 1980-тите доведе во ситуација да гладуваат речиси 13 милиони луѓе.
Фактот што врнежите беа многу пониски од очекуваните во три последователни дождовни сезони ја поттикна новата криза со храна.
Во регионот каде што земјоделското производство се намали по инвазијата на пустинските скакулци во 2019 година, започна кризата со храна.
Обединетите нации соопштија дека добитокот почнал да угинува поради сушата, а семејствата ги напуштиле домовите поради недостаток на вода и проблеми со храната.
Недостигот на чиста вода доведе и до ширење на епидемии преку миграцијата.