Истражување: Арктички фјорд на Свалбард апсорбира повеќе стакленички гасови отколку што испушта
– Ново норвешко истражување откри дека Конгсфјорд, фјорд на арктичкиот архипелаг Свалбард, апсорбира повеќе стакленички гасови отколку што испушта, објави норвешката телевизија НРК денес
ИСТАНБУЛ (АА) – Ново норвешко истражување откри дека Конгсфјорд, фјорд на арктичкиот архипелаг Свалбард, апсорбира повеќе стакленички гасови отколку што испушта, објави норвешката телевизија НРК денес, јавува Анадолу.
Истражувачите од Норвешкиот поларен институт, користејќи нови модели за мерење на азот и јаглерод, откриле дека фјордот делува како природен „резервоар“ за јаглерод.
Нивната студија, објавена во списанието „Scientific Reports“, комбинира повеќегодишни анализи на примероци од морска вода со напредни океански модели за да го процени таканаречениот „биланс на азот и јаглерод“ во фјордот.
„Конгсфјорд апсорбира повеќе јаглерод и азот отколку што емитува. Ако се повтори ова и во други фјордови, тоа е добра вест и за климата и за морските екосистеми“, изјави Педро Дуарте, главниот истражувач во Институтот и главен автор на студијата.
Научниците го опишуваат Конгсфјорд, кој се наоѓа во близина на истражувачкиот град Њ-Олесунд, како „жива лабораторија“ која се менува побрзо од повеќето арктички фјордови.
„Може да послужи како модел за разбирање на пошироките промени во Арктикот“, рече Филип Асми, морски биолог и коавтор на студијата.
Тимот со години го следи фјордот, собирајќи годишни примероци на вода покрај западниот брег на Шпицбершки Острови. Податоците покажале како океанските струи влијаат врз нивото на хранливи материи и јаглерод — клучни фактори за способноста на океанот да апсорбира стакленички гасови.
Азотот е суштинска хранлива материја за морските растенија, како што е фитопланктонот, кој апсорбира јаглерод диоксид. Дуарте и Асми објаснија дека со подобро разбирање на циркулацијата на азотот, научниците можат попрецизно да проценат колку јаглерод океаните отстрануваат од атмосферата.
„Океанот ни помага со тоа што апсорбира околу една четвртина од сите емитирани стакленички гасови секоја година“, изјави Асми, додавајќи дека овој природен процес е сè повеќе загрозен од климатските промени.
Истражувачите предупредуваат дека со затоплувањето на арктичките води, способноста на фјордот да апсорбира гасови и хранливи материи може да се намали.
Норвешкиот поларен институт планира да го прошири своето долгорочно следење на Конгсфјорд, како дел од мандатот од Министерството за клима и животна средина.
Заменик-министерот за животна средина на Норвешка, Кристофер Хансен, изјави дека истражувањето обезбедува „значајно знаење за тоа како климатските промени влијаат врз морските средини во Арктикот“.
„Позитивно е што природата апсорбира јаглерод и хранливи материи, со што ги ублажува негативните ефекти од емисиите“, додаде Хансен.
„Но тоа не ја менува суштината – мораме да ги намалиме емисиите на стакленички гасови.“
