Иран влегува во нуклеарните преговори со САД „со добра волја“, нагласува почитување на обврските
„Иран влегува во дипломатијата со отворени очи и со јасна меморија за изминатата година. Учествуваме со добра волја и цврсто ги браниме нашите права“
ИСТАНБУЛ (АА) – Во пресрет на нуклеарните преговори со Соединетите Американски Држави (САД) што треба да се одржат во Оман, иранскиот министер за надворешни работи денес изјави дека Техеран влегува во дипломатијата „со добра волја“, нагласувајќи дека „обврските мора да се почитуваат“, јавува Анадолу.
„Иран влегува во дипломатијата со отворени очи и со јасна меморија за изминатата година. Учествуваме со добра волја и цврсто ги браниме нашите права“, напиша Абас Арагчи во објава на социјалната мрежа Х.
„Обврските мора да се почитуваат“, порача тој, потенцирајќи дека еднаквиот третман, меѓусебната почит и заедничките интереси се „неопходни и претставуваат темели на траен договор“.
Вашингтон и Техеран се очекува денес да одржат нуклеарни преговори во Оман.
Американската страна ќе ја претставуваат зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф.
Иран ќе биде претставен од дипломатска делегација предводена од Арагчи. Иранскиот министер за надворешни работи веќе пристигна во главниот град на Оман, Мускат, објави полудржавната агенција Тесним.
Преговорите претходно неделава беа доведени во прашање, но официјален претставник на Белата куќа за Анадолу потврди дека тие сепак ќе се одржат.
Разговорите се одржуваат во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, поттикнати од американското воено засилување во Персискиот Залив и повторените закани за воена акција од страна на Трамп.
Во изминатите денови, неколку земји понудија посредување меѓу Иран и САД со цел намалување на тензиите, при што Турција има особено активна улога.
САД и нивниот сојузник Израел го обвинуваат Иран дека се стреми кон производство на нуклеарно оружје, додека Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма има исклучиво мирољубиви цели, вклучувајќи и производство на електрична енергија.
