Изгладнетите Палестинци се обидуваат да дојдат до хуманитарната помош која се фрла од авион во Газа
Палестинците со часови чекаа под жешкото сонце, а откако помошта беше фрлена, само некои од нив успеаја да земат ограничена количина од неа

СКОПЈЕ (АА) – Изгладнетите Палестинци се обидуваат да дојдат до хуманитарната помош што се фрла денес од авиони во кампот за бегалци Нусејрат во централна Газа, јавува Анадолу.
Палестинците со часови чекаа под жешкото сонце, а откако помошта беше фрлена, само некои од нив успеаја да земат ограничена количина од неа.
Палестинецот Мухамед Ебу Шуајба, кој тргнал да земе малку од хуманитарната помош за своето 10-члено семејство, рече дека останал со празни раце поради големиот метеж и стампедото.
Тој повика на праведно распределување на помошта, а за пакетите со помош фрлани од воздух рече дека се како „смрт“.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека 18 Палестинци се убиени, а над 117 повредени во израелските напади додека се обидувале да дојдат до хуманитарната помош во последните 24 часа, со што вкупниот број Палестинци убиени додека барале помош достигна 2.036, а над 15.064 се ранети сметајќи од 27 мај.
Министерството објави и дека две лица починале од глад и неисхранетост во последните 24 часа. Со ова, вкупниот број смртни случаи од глад се искачи на 271, од кои 112 деца, а хуманитарната криза во енклавата се продлабочува.
Израелската Армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби 10.646 луѓе, а повреди 45.073, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.