Ердоган: „Наметнувањето на ‘Мировниот план на векот’, не е ништо друго туку проект за окупација“
Турскиот претседател имаше обраќање на заедничката седница на Националното собрание и Сенатот на Пакистан, каде што престојува во официјална посета

ИСЛАМАБАД (АА) - Направените чекори во врска со Ерусалим (Кудс) меѓу Трамп и Нетанјаху, кои сакаат да го наметнат тоа како ‘Мировeн план на векот’, не е ништо друго туку проект за окупација, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше обраќање на заедничката седница на Националното собрание и Сенатот на Пакистан, каде што престојува во официјална посета, во кое се осврна на таканаречениот „Договор на векот“ за Ерусалим (Кудс), објавен минатиот месец од американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
Тој се надоврза и на прашањето за Кашмир за кое истакна дека е исто толку важно за Турција, како и за Пакистан.
„Проблемот со Кашмир може да се реши не со конфликт или угнетување, туку преку правда и правичност“, рече Ердоган.
Неговите коментари се упатени во врска со блокадата и изолирањето на Џаму и Кашмир, дел од спорниот регион Кашмир управуван од страна на Индија, потег што го осудија групите за заштита на човековите права, како и глобалната исламска заедница.
„Не ја заборавивме помошта што Пакистанците, одвојувајќи од својот леб, ни ја испратија за време на нашата војна за независност. Токму тоа сега Кашмир е за нас“, рече Ердоган.
Во своето четврто обраќање пред пакистанскиот Парламент, Ердоган се осврна и на ситуацијата во Идлиб, северозападна Сирија, нагласувајќи дека последните чекори на Турција во деескалационата зона во Идлиб се со цел да се спречи режимот на Асад да убие 4 милиони луѓе користејќи барел-бомби.
„Пакистан стои покрај праведната кауза на Турција, и покрај другите кои работат на заштита на терористите“, рече Ердоган, осврнувајќи се на турската антитерористичка операција „Извор на мирот“, којашто започна минатиот октомври во северозападна Сирија.
„Турција ќе продолжи да го поддржува Пакистан во неговата борба против тероризмот“, додаде Ердоган.