Американски изведувачи убивале Палестинци кои барале помош на израелските дистрибутивни пунктови во Газа
Вработен во американска логистичка компанија која соработува со контроверзната Фондација за хуманитарна помош во Газа – проект поддржан од САД и Израел – говореше под услов на анонимност, за она што го видел

ИСТАНБУЛ (АА) – Американски подизведувачи, заедно со израелската Армија, пукаат кон цивилите кои се обидуваат да дојдат до храна на дистрибутивните пунктови за помош во Газа, пренесе американската телевизија „Си-би-си“ денес, повикувајќи се на сведок од теренот, пренесува Анадолу.
Вработен во американска логистичка компанија која соработува со контроверзната Фондација за хуманитарна помош во Газа – проект поддржан од САД и Израел – зборувал за медиумот, под услов на анонимност, за она што го видел.
„Ми беа потребни два или три дена за да сфатам дека всушност пукаат во луѓе, не во борци“, рекол тој, алудирајќи на американскиот персонал.
Од 27 мај, Израел започна одвоена, поддржана од САД, иницијатива за дистрибуција на помош преку Фондацијата за хуманитарна помош во Газа, заобиколувајќи ги Обединетите нации и меѓународните хуманитарни организации. Овој потег беше жестоко одбиен од глобалната заедница за помош, а локалните власти во Газа ја нарекоа шемата „смртоносна замка“.
Очевидецот, кој споделил видеа со „неселективно“ пукање од страна на Армијата и американските обезбедувачи врз масите гладни луѓе, изјавил дека „немало ниту еден ден без пукање“ во текот на неделите додека бил присутен на пунктовите.
Тој додал дека некои од Американците „често се фалеле со тоа колку луѓе убиле“.
Фондацијата за хуманитарна помош во Газа ги негира обвинувањата дека имало убивања на нивните пунктови – било од изведувачите или од Армијата.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, најмалку 2.036 луѓе се убиени од израелската Армија додека се обидувале да стигнат до храна на пунктовите за помош од 27 мај наваму, а повеќе од 15.064 се повредени.
Од октомври 2023 година Израел има убиено над 62.100 Палестинци во Газа. Воената кампања ја опустоши енклавата, предизвикувајќи недостиг од храна и смртни случаи поради глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.