политика

Косово: Тачи ги започна консултациите со политичките лидери

Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска започна одделни состаноци со лидерите на парламентарните партии во врска со консултациите за понатамошните чекори, откако Собранието изгласа недоверба на Владата на премиерот Албин Курти

Zylfije Adem Jakupi  | 01.04.2020 - Обновена : 01.04.2020
Косово: Тачи ги започна консултациите со политичките лидери

ПРИШТИНА (AA) - Косовскиот претседател Хашим Тачи започна одделни состаноци со лидерите на парламентарните партии во врска со консултациите за понатамошните чекори, откако Собранието изгласа недоверба на Владата на премиерот Албин Курти, јавува Агенција Анадолија (AA).

Вршителот на должноста премиер на Косово и лидер на Движењето Самоопределување, Албин Курти, по состанокот со Тачи изјави дека на претседателот јасно му укажал дека не може да има други решенија освен нови избори. Курти рече дека и претседателот Тачи се обврзал дека ќе го почитува Уставот и законите кои се во сила.

„Не можеме да одиме никаде со непочитување на членот 82, точка 2 од Уставот на Косово, кој вели дека по изгласување на недоверба преостанува само да се оди на нови избори. Уверен сум дека Уставот на Република Косово не создава можност во моменталниот политички контекст да имаме нова влада без ново собрание, односно без нови избори“, рече Курти.

Тој нагласи дека претседателот не треба да се занимава со имиња на луѓе од партиите, туку со датум за нови избори во овогодишниот календар, иако „интензивната борба против коронавирусот би можела да го одложи датумот на изборите“.

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, чија партија како дел од владејачката коалиција го иницираше барањето за рушење на Владата, рече дека ЛДК не е за одржување парламентарни избори поради ситуацијата создадена со пандемијата на коронавирусот, туку за „создавање нова влада според уставните процедури“.

„Таа влада би имала полн капацитет да се ангажира на сите активности во борбата против коронавирусот кој сега се шири и кај нас како и во другите земји, да работи за економскиот развој, бидејќи сега ќе се соочиме со многу тешка економска ситуација, невработеност, како што се најавува, тоа што ќе се случи и со другите земји. И така ќе се соочиме со потребата за дијалог со Србија во врска со тоа дека треба да бидеме подготвени и да имаме мнозинство кое потоа тој дијалог ќе го поддржи преку Собранието“, рече Мустафа.

По Мустафа кај Тачи на состанок отиде лидерот на опозициската Демократска партија на Косово, Кадри Весели. Како што е соопштено од Претседателството на Косово, утре на одделни состаноци претседателот Тачи ќе се состане со претставниците на Алијансата за Албанците, Социјалдемократската иницијатива, Српската листа и парламентарната група на останатите малцинства „6 +“.

Владата на премиерот Курти падна на 25 март со двотретинско мнозинство во Собранието, по само 50 дена работа, поради разрешување на министерот од ЛДК, Агим Велиу, и поради укинување на таксите без воведување реципроцитет на Србија, како што од Косово бараа Соединетите Американски Држави.

Во Косово предвремените парламентарни избори се одржаа на 6 октомври 2019 година, по оставката на тогашниот премиер Рамуш Харадинај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.