Заев: „Очекуваме на лето Северна Македонија да добие датум за преговори со ЕУ“
„Северна Македонија е единствената земја во регионот којашто нема отворени прашања со ниту еден сосед. А кога постои договор следат и економските резултати.“

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека очекува Северна Македонија на лето да добие датум за започнување на преговорите со Европската Унија (ЕУ), пренесува Anadolu Agency (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, премиерот Заев денеска во Виена имал обраќање на отворањето на Виенскиот економски форум „Виенски економски разговори - нови перспективи за Република Северна Македонија“, каде што воведно обраќање имал и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан.
Заблагодарувајќи им се на сите инволвирани што годинешниот Виенски економски форум се одржува за разгледување на инвестициските можности исклучиво во Северна Македонија, Заев истакна дека Австрија е силен сојузник на Северна Македонија во евроатлантската интеграција.
Заев нагласи дека во изминатите 10 години Австрија беше најголем инвеститор во Северна Македонија со 392,2 милиони евра, што изнесува 13,2 % од вкупните странски директни инвестиции во државата.
Премиерот Заев зборуваше и за успешно спроведените претседателски избори, како и за Договорот од Преспа, којшто, според него, е решение на огромен проблем, а кој резултираше со продлабочување на соработката помеѓу Северна Македонија и Грција.
Говорејќи за реформите коишто се во тек, Заев се осврна на судските реформи, реформите во безбедносниот систем и јавната администрација, како и на борбата против корупцијата, коишто, како што рече тој, остануваат врвен приоритет во работењето на Владата.
„Република Северна Македонија нема друга алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО - повеќе од 75 % од населението ги поддржува таквите аспирации. Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние цврсто веруваме дека заслужуваме одлука заснована на заслуги и веруваме дека и ЕУ ќе испорача“, потенцираше Заев.
Тој посочи дека 2019 година ќе биде година на економијата, како продолжение на економскиот напредок од минатата година.
„Во 2019 година, имаме натамошен раст на индустриското производство од 8,8 % во производство, што главно се должи на производството на машини, возила, пијалаци и основни метали. Успеавме да ја намалиме невработеноста под 20 % откако сме во Владата. Економскиот раст во 2018 беше 2,7 %, по раст од 0,2 % во 2017 година. Извозот во првите 3 месеци од 2019 година се зголеми за 16,8 %“, истакна Заев.
Тој го изрази своето очекување дека ова лето Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите, бидејќи како што рече Заев, земјата ѝ покажа на цела Европа како преку дијалог и соработка се решаваат долгогодишните проблеми.
„Нашата земја има позитивен импакт и на целиот регион. Сега Северна Македонија е единствената земја во регионот којашто нема отворени прашања со ниту еден сосед. А кога постои договор следат и економските резултати“, истакна Заев.
Тој, исто така, додаде дека и натаму Северна Македонија ќе биде пример за целиот регион, дека земјата и натаму ќе биде сигурна и стабилна, земја којашто се грижи и на инвеститорите им нуди соодветни услови за развивање на својот бизнис.
Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, на отворањето на Виенскиот економски форум истакна дека политичката стабилност на Северна Македонија е најдобра во регионот, а уште еден доказ за тоа, како што рече, се успешно спроведените претседателски избори.
Во таа насока Хан ги охрабри компаниите од Австрија да инвестираат во Северна Македонија, бидејќи, како што истакна, тоа значи поголем профит за земјата и отворање нови работни места.
Адресирајќи го напредокот на Северна Македонија во сите сфери, еврокомесарот Хан го изрази своето очекување дека земјата ќе добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија и до крајот на оваа година да бидат отворени и првите поглавја.