политика

Заев: „Мерките на Владата даваат резултати, невработеноста се намалува“

Премиерот Зоран Заев истакна дека намалувањето на невработеноста кај младите е приоритет на Владата на Северна Македонија

Abdula Berisha   | 08.04.2019
Заев: „Мерките на Владата даваат резултати, невработеноста се намалува“

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, учествуваа на дебатата „Искуства и придобивки од Гаранцијата за млади“, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Зоран Заев рече дека намалувањето на невработеноста кај младите е приоритет на Владата на Северна Македонија. Тој објасни дека вкупниот број на невработени е намален под 20 отсто и сега изнесува 19,4 отсто, додавајќи дека ова е импулс „за да се зголеми за трипати буџетот за Оперативниот план за вработување.“

Заев исто така истакна дека како резултат на мерките од овој план вработени се 3.934 лица во три града, нагласувајќи дека станува збор само за пилот-проект.

„Значајно е што ги слушнавме сите аргументи и искуства од спроведувањето на оваа мерка од Оперативниот план за вработување. Тоа може многу да ни помогне да ги подобриме механизмите и достапноста на Гаранцијата за млади“, рече Заев.

Тој истакна дека оваа година проектот ќе се реализира во целата земја, и апелираше сите невработени да аплицираат за да ги искористат овие мерки.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека Северна Македонија е единствена земја која не е членка на Европската Унија (ЕУ), а го има имплементирано пилот-проектот „Гаранција за млади“. Таа истакна дека мерките од овој проект даваат резултати.

„Тоа е мерка која ги поврзува младите луѓе со државните институции во посредување при вработување, за на крајот да стигнат до вработување во реалниот сектор. Бизнис компаниите го препознаа интересот на Владата навистина да подготви млади луѓе коишто ќе бидат конкурентни на пазарот, и коишто ќе се вработуваат во бизнисите“, рече Царовска.

Таа објасни дека оваа година од мерките на овој проект ќе придобијат 9.500 млади лица, додека во 2020 година ќе има и законско решение со кое на секое младо лице ќе му се гаранатира дека по завршување на образованието ќе добие можност да се доквалификува и да стекне вештини кои не можел да ги стекне во текот на образовниот процес.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.