култура и уметност

Маските на Венецискиот карневал се произведуваат во Скадар

Албанскиот уметник и претприемач Едмонд Ангони, кој е пасиониран љубител на уметноста, особено на сликарството и скулптурата, основа фабрика и музеј за маски, наменети за извоз. Овие маски масовно се користат дури и на познатиот карневал во Венеција

Fatjon Cuka  | 27.01.2023 - Обновена : 29.01.2023
Маските на Венецискиот карневал се произведуваат во Скадар Фото: Olsi Shehu/AA

СКАДАР (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -

Производството на уметнички маски го претвори музејот и фабриката за производство на маски во Скадар, Албанија, во уникатна дестинација, како за разновидноста, така и за славата на нивната употреба во светот, пишува Агенција Анадолија (АА).

Албанскиот уметник и претприемач Едмонд Ангони, кој е пасиониран љубител на уметноста, особено на сликарството и скулптурата, основа фабрика и музеј за маски, наменети за извоз. Овие маски масовно се користат дури и на познатиот карневал во Венеција.

По пет години емигрирање во Италија, Ангони во 1997 година одлучил да ја отвори фабриката за уметнички маски во Скадар, која денес се нарекува „Вениче арт“ (Venice Art), инспирирана од неговиот живот во Венеција во годините на емиграција.

- Маските се поделени во неколку категории -

Ангони, кој и самиот се занимава со моделирање на маски, во изјава за Агенција Анадолија (АА) истакна дека подготовката на маска поминува низ 12 процеси, од картапеста (хартиена каша - papier-mâché), моделирање, па сè до нејзино украсување.

Материјали за изработка на маските се хартија, пердуви, скапоцени камења и разни акрилни бои.

„Од почетоците на маските, од „commedia dell'arte“, денес има околу 1.700 модели произведени во нашето претпријатие „Venice Art“, кое брои околу 30 вработени. Има и посебна лабораторија каде што се прави картапеста, основата, бидејќи се почнува од А, од хартија, па сѐ до крајот на процесот“, додаде Ангони.

Тој рече дека маските се поделени во неколку категории, како карневалски маски, маски за бал, за декорации на домови и за разни декорации.

„Нашите маски се наменети целосно за извоз. Главно, најголемиот дел го зазема Венеција, каде што имам осум продавници распоредени на главните историски точки на Венеција. Тоа се значајни продавници, навистина многу убави. Маските се присутни и во Австралија, Лас Вегас, Дубаи, Франција, Велика Британија, Шпанија. Во регионот, овде имаме во Котор, во Будва“, истакна Ангони.

Вработените, од кои повеќето се и уметници по професија, рачно ги украсуваат маските во просториите на фабриката, произведувајќи илјадници маски годишно од различни модели.

Маските произведени во фабриката во Скадар се продаваат по различни цени, од 20 до 2.000 евра, според моделите и намената на нивната употреба.

- Музеј на маски -

Дел од „Вениче арт“ е и музеј на маски, кој е една од туристичките атракции на Скадар и кој го привлекува интересот на домашните и странските посетители.

Ангони нагласи дека она што го прави посебен овој музеј кој има илјадници маски е тоа што е прикажана целата историја на создавањето на маските, од отворањето на работилницата до денес.

„Овде во изложбениот салон има околу 700-800 модели на маски. Но, во иднина идејата е да се создаде вистински музеј со сите маски што се зачувани“, додаде Ангони.

Околу 20.000 маски годишно кои се произведуваат во Скадар и илјадници други во различни земји во светот, се извезуваат во Венеција за карневалот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.