живот

Хазим Кукурузовиќ во деветтата деценија од животот учествува на трки, не користи никакви лекарства

- Неговото мото е дека трчањето е најдобар антидепресив и порача дека луѓето треба многу повеќе да се движат отколку што го прават тоа денес, кога на големо е застапен седечкиот начин на живот

Bedrudin Brljavac  | 03.07.2022 - Обновена : 04.07.2022
Хазим Кукурузовиќ во деветтата деценија од животот учествува на трки, не користи никакви лекарства Фото: Елман Омиќ / АА

САРАЕВО (АА)


Хазим Кукурузовиќ од Градачац, иако зачекори во деветтата деценија од животот, е еден од најстарите активни тркачи во Босна и Херцеговина (БиХ) и со својот начин на живот и неисцрпна енергија, сигурно може да биде инспирација не само на лицата во подоцнежните години, туку и на многу помладите, известува Агенција Анадолија (АА).

Кукурузовиќ, 81-годишен рекреативен тркач, поранешен инженер, кој веќе со години живее во Сараево, со трчање и атлетика се занимава од раната младост и е заљубеник во спортот, а како младинец честопати освојувал и медали на трките.

Како што раскажа во разговорот за Агенција Анадолија (АА), потоа следувал семеен живот и изградба на кариерата, па на некој начин имал желба многу повеќе да им се посвети на спортот и физичките активности.

„Едвај чекав да одам во пензија и да почнам да се занимавам со планинарење и трчање. Еве веќе 20 години е така, и уживам во тоа. Јас воопшто не сум за шетање, јас само сакам да трчкарам и да трчам. Тоа е фантазија, тоа е убавината, уживанција, особено во овие години“, рече овој заљубеник во трчањето и планинарењето.


– Трчањето е најдобар антидепресив

Неговото мото е дека трчањето е најдобар антидепресив и порача дека луѓето треба многу повеќе да се движат отколку што го прават тоа денес, кога на големо е застапен седечкиот начин на живот.

„Ако можеш да стоиш, немој да седиш, ако можеш да пешачиш, немој да стоиш, ако можеш да трчаш, немој да пешачиш. Јас многу го користам тоа. Трчањето е најдобар антидепресив. Јас кога имам некој проблем во животот - семејни, работни - ќе се истрчам и тие проблеми се помали. Трчањето ме смирува и опушта“, додаде Хазим, напоменувајќи дека благодарение на спортските активности не користи никакви лекарства.

„Јас не земам никакви лекарства, освен минерали, додатоци, витамини, железо. Еве, во 81 година од животот се чувствувам здраво, расположено“, рече Кукурузовиќ.


– Трчал на околу 40 официјални трки

Само во текот на изминатите 20 години, колку што е во пензија, Кукурузовиќ трчал на околу 40 официјални трки, завршил околу 30 скијачки велеслаломи, а освоил и бројни медали кои го красат ѕидот на неговата соба што ја нарекол „мотивирачка соба“. Покрај друмските трки трча и на планински (trail) трки, кои му се, како што вели, посебно интересни и предизвикувачки.

Кукурузовиќ рече дека големо внимание посветува на исхраната и напомена дека најмногу сака пченка, свежо овошје, зеленчук и домашно млеко. Тој истакна дека тоа во голема мерка придонело за неговото исклучително добро здравје.

„Мојот коскено-мускулен систем е фантазија, тука немам никакви тегоби, како и кај срцето“, рече Хазим, и напомена дека редовно оди на лекарски контроли.

„Имам сериозен однос кон здравјето, кон животот, исхраната и здравиот живот. Тоа по малку е моја опсесија.“


– Лежењето е болест

Досега во своите планински походи во БиХ освоил неколку врвови од околу 2.000 метри. Напоменува дека често работи и вежби за сила, бидејќи на тој начин ги јакне мускулите и се чувствува посилно, но сепак посебно го препорачува движењето.

„Не можеме сите да трчаме, но можеме да пешачиме, можеме да шетаме, да работиме во градина, некаква физичка активност мораме да имаме. Лежењето е болест, а движењето е здравје. Тоа е мојата девиза и порака до постарите. Да се движиме. Доколку лежиме, ќе ни ослабат мускулите, нема да имаме повеќе сила. Затоа секојдневно треба нешто физички да работиме, особено постарите луѓе“, рече овој рекреативен тркач, кој во просек годишно пешачи и трча околу 2.100 километри.

Кукурузовиќ напомена дека луѓето треба да внимаваат и на исхраната, бидејќи, според него, покрај гените, и здравата храна е многу важна за среќен и долг живот.

„Прво гените. На нив не можеме да влијаеме, но можеме да ублажиме некои нивни последици. Со физичка активност, здрава исхрана и редовна контрола кај доктор можат многу работи да се лекуваат и да се спречат“, препорача Кукурузовиќ.

На крај повторно истакна дека физичката активност и трчањето се најдобри антидепресиви и додаде дека луѓето треба да внимаваат на своето здравје.

„Да се движиме, да работиме во градина, да садиме цвеќе, да се дружиме, разменуваме мислења и по старите денови да стоиме далеку од политиката. Да гласаме, но немојте само да критикувате. Јас гледам како некои мои колеги пензионери ќе се испокараат околу политиката. Јас го избегнувам тоа“, рече овој 81-годишник, кој веќе се подготвува за следната трка што ќе се одржи кон крајот на месецот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.