Турската ТПАО и Шел ќе соработуваат во истражување на нафта и гас во морските води во Бугарија
„Ваквите офшор области бараат искусни странски партнери. Избрани беа Шел и ТПАО. Нашите капацитети на море и искуството што досега го стекнавме дадоа значаен придонес да бидеме избрани како партнер од овие земји и компании“
АНКАРА (АА) – Националната енергетска компанија на Турција ТПАО и меѓународниот енергетски гигант Шел остварија партнерски договор за спроведување активности за истражување на нафта и природен гас во ексклузивната економска зона (ЕЕЗ) на Бугарија во Црното Море, што го означува најновиот чекор во настојувањата на Турција да го прошири своето присуство во истражувањата на енергетските ресурси во странство, јавува Анадолу.
Во склоп на договорот, ТПАО ќе се придружи кон истражувањата предводени од Шел, на блокот 1-26, на наоѓалиштето Кан Тервел, во офшор водите на Бугарија. Договорот е потпишан на церемонија во Истанбул од генералниот директор на ТПАО, Џем Ердем, и извршниот потпретседател на Шел, Јуџин Окпере, во присуство на турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Алпарслан Бајрактар.
Во говорот по потпишувањето на договорот, Бајрактар рече дека партнерството ќе ѝ овозможи на Турција петгодишна лиценца за истражување во ексклузивната економска зона на Бугарија (ЕЕЗ).
„Како дел од нашата стратегија за проширување на ТПАО во странство, која ја забрзавме од почетокот на годината, продолжуваме да ги шириме нашите меѓународни партнерства“, изјави Бајрактар. „Со Шел, надградувајќи ја рамката за соработка што ја започнавме во 2024 година, сега формализиравме партнерство на конкретен блок, имено, на наоѓалиштето Кан Тервел во ексклузивната економска зона на Бугарија.“
Блокот Кан Тервел зафаќа повеќе од 3.800 квадратни километри и се наоѓа во близина на водечкиот офшор проект на Турција, наоѓалиштето на гас Сакарија во Црното Море. Бајрактар истакна дека близината до Сакарија може да понуди геолошки и оперативни предности.
Тој рече дека партнерите прво ќе спроведат сеизмички истражувања во лиценцираната област, а потоа, зависно од резултатите од евалуацијата на податоците, следната година би можело да се изведе ископување на истражен бунар.
Нагласувајќи го растечките капацитети на Турција за офшор истражување и производство, Бајрактар изјави дека искуството на земјата во длабоководни операции одиграла клучна улога во формирањето партнерство.
„Ваквите офшор области бараат искусни странски партнери. Избрани беа Шел и ТПАО. Нашите капацитети на море и искуството што досега го стекнавме дадоа значаен придонес да бидеме избрани како партнер од овие земји и компании“, изјави тој.
Договорот претставува четврти меѓународен договор на TПAO во сегментот на истражување и производство во последните недели. Компанијата потпиша одделни договори со ЕксонМобил на 8 јануари, со Шеврон на 5 февруари и со БП на 12 февруари, како дел од својата поширока стратегија за диверзификација на портфолиото за истражување и зајакнување на енергетската безбедност преку средства во странство.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
