„Целта на Министерството за правда е да добиеме нов, модерен Кривичен законик“
- Министерот Никола Тупанчески рече дека поминале 26 години од донесувањето на првиот Кривичен законик, на којшто било интервенирано 36 пати

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за правда на Северна Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје организира стручна расправа за предлогот на новиот Кривичен законик, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отворањето на стручната расправа која ќе трае два дена се обратија министерот за правда, Никола Тупанчески, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и универзитетскиот професор Владо Камбовски.
Министерот Тупанчески во својот говор рече дека поминале 26 години од донесувањето на првиот Кривичен законик, на којшто било интервенирано 36 пати.
Тупанчески рече дека процесот на изработка на нацртот на Кривичниот законик го започнал како професор по Казнено право и член на работната група, а го завршува како министер за правда. Притоа, тој истакна дека законите не може да бидат алатка на политиката.
„Целта на Министерството за правда е да добиеме нов, модерен, кодифициран акт - нов Кривичен законик во кој ќе бидат инкорпорирани сите решенија и стандарди од релевантните меѓународни инструменти со кои ќе се подигне правната сигурност на граѓаните, а на практичарите ќе им биде олеснета примената на неговите одредби во функција на ефикасно правораздавање“, рече Тупанчески.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, во неговото излагање рече дека покрај логистичката поддршка, мисијата дала и правна експертиза за изработка на нацртот на Кривичниот законик, особено во однос на борбата против корупцијата, организираниот криминал, насилниот екстремизам и финансирањето на тероризмот.
„Квалитетното законодавство и неговата ефективна имплементација се камен-темелник за зголемување на довербата на јавноста во националниот правосуден систем. Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе го продолжи своето искрено партнерство и ќе се усогласи со вас и со напорите на земјата за поефективен законодавен процес“, рече Која.
Тој, исто така, рече дека процесот сѐ уште не е завршен и дека оваа дебата е дополнителна можност за размена на мислења на експерти, за дополнително унапредување на нацрт-текстот и негово одобрување во Парламентот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.