„Забрана за движење во шумите во Северна Македонија во летниот период поради ризик од пожари“, објави МВР
– Од 1 јули до 31 август 2025 година во Република Северна Македонија стапува на сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, со цел превенција од шумски пожари

СКОПЈЕ (АА) – Од 1 јули до 31 август 2025 година во Република Северна Македонија стапува на сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, со цел превенција од шумски пожари, јавува Анадолу.
Одлуката е донесена врз основа на барање од ЈП „Национални шуми“ и националните паркови, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дало согласност за воведување на забраната, во согласност со член 57 став 3 од Законот за шумите.
Во наведениот период граѓаните ќе може да се движат во шумите само со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ и од националните паркови, во зависност од подрачјето со кое тие управуваат.
Министерството за внатрешни работи информира дека за прекршување на оваа забрана се предвидени високи парични казни.
Во согласност со член 106 од Законот за шумите, на физичките лица што ќе бидат затекнати да се движат во шума и шумско земјиште ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Ваквата мерка се презема во услови на зголемен ризик од пожари поради високите температури и сувото време.