Балкан

БИХ: Во Поточари ископани гробови за седум жртви на геноцидот во Сребреница

– Во петок ќе бидат погребани посмртните останки, главно нецелосни, на седум жртви, меѓу кои и две 19-годишни момчиња

Vesna Besic  | 09.07.2025 - Обновена : 10.07.2025
 БИХ: Во Поточари ископани гробови за седум жртви на геноцидот во Сребреница

ПОТОЧАРИ (AA) - Во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари во Босна и Херцеговина заврши ископувањето на гробовите во кои ќе бидат положени посмртните останки на седум жртви на геноцидот во Сребреница на колективната џеназа (погреб) на 11 јули, јавува Анадолу.

Посмртните останки на седум жртви на геноцидот во Сребреница, извршен од припадниците на војската на Република Српска и нивните соработници во јули 1995 година, се подготвени за погреб на колективната џеназа на 11 јули во Меморијалниот центар Сребреница во Поточари.

Посмртните останки на жртвите што ќе бидат погребани годинава се пронајдени во масовни гробници откриени изминативе години на локалитетите Липље, Баљковица, Суљиќи и Каменичко Брдо. Кај повеќето случаи се работи за нецелосни тела, па некои семејства на жртвите во земја ќе спуштат само една или две коски од своите најмили.

- Убиени и тинејџери -

Најмладите жртви што ќе бидат погребани оваа година се две млади момчиња што имале 19 години во моментот на смрт - Сенајид Авдиќ и Хариз Мујиќ. Двајцата, убиени во јули 1995 година, конечно ќе најдат мир после 30 години.

Посмртните останки на Хасиб Омеровиќ, кој имал 34 години кога бил убиен, беа ексхумирани во 1998 година, но семејството не можело порано да даде согласност за погреб поради малата количина пронајдени делови од скелетот.

Во петок ќе бидат погребани и посмртните останки на Фата (Хусо) Бектиќ (1928), Сејдалија (Алија) Алиќ (1961), Рифет (Мустафа) Габељиќ (1964) и Амир (Ибрахим) Мујчиќ (1964).

Во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари досега се погребани 6.765 жртви на геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта според одлуката на членовите на семејствата.

Жртвите потекнуваат од различни општини, но најмногу од Источна Босна и Херцеговина – Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќи.

Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локалитети. Од нив, 77 се масовни гробници откриени по војната. Најмлада досега погребана жртва во Поточари е новороденчето – девојчето Фатима Мујиќ, а најстара – баба Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.

Сè уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.