Балкан

Чедомир Јовановиќ во Приштина: „Не е реално обострано признавање на Косово и Србија“

Јовановиќ на собирот на кој присуствуваше и Енвер Хоџај, вицепремиерот на Косово, истакна дека српското општество мора да се справи само со себе, и оцени дека секоја политика која го игнорира животот е осудена на пропаст, порано или подоцна

Zülfiya Yakup  | 11.05.2018 - Обновена : 12.05.2018
Чедомир Јовановиќ во Приштина: „Не е реално обострано признавање на Косово и Србија“ Erkin Keçi/АА

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - „Не постои простор за преговори меѓу Србија и Косово, затоа што многу лоши нешта се направени, но не е реалнo ниту обостраното признавање“, изјави Чедомир Јовановиќ, претседател на Либерално-демократската партија на Србија на конференцијата на тема „Каква е иднината на косовско-српските односи“ во организација на Демократскиот институт на Косово (KDI), јавува Anadolu Agency (AA).

Јовановиќ на собирот на кој присуствуваше и Енвер Хоџај, вицепремиерот на Косово, истакна дека српското општество мора да се справи само со себе, и оцени дека секоја политика која го игнорира животот е осудена на пропаст, порано или подоцна.

„Мислам дека на прво место треба да имаме идеја за мир, заемно разбирање и способност поинаку да ги решиме нашите недоразбирања. Се надевам дека тоа ќе дојде до израз во разговорите што се пред нас. Не гледам многу простор за преговори, не гледам што ќе се преговара. Тоа што се случи, барем што се однесува до мене, дефинитивно е така и не знам на кој начин на Србија може да ѝ биде подобро ако продолжи да го игнорира фактот дека Косово е апсолутно независна држава од неа“, рече Јовановиќ, чија партија во Србија е во опозиција.

Јовановиќ истакна дека во 2013 година го поддржал дијалогот меѓу Косово и Србија и дека го поддржува и понатаму. Сепак, како што рече, загрижен е за состојбата на српското општество кое не е во состојба да ја разбере реалноста и затоа не верува во договори зад кои стојат поединци.

„Косово и начинот на кој ќе се соочиме со вистината на Косово мора да бидат придружени со трансформација во нашето општество. Секако, јас зборувам за моето општество, незанемарувајќи ги процесите што се неопходни овде во Приштина, но тоа не е моја грижа и моја работа. Првенствено мислам на Белград како на место каде што мора да се спроведе друга политика, која во моментот е многу контрадикторна“, рече Јовановиќ.

Според него, не е реално обострано признавање на Косово и на Србија, и тоа не треба да се наметнува на српското општество. Тој напомена дека тоа не е прашање на личната храброст на Вучиќ, но се сомнева во способноста на српското општество да разбере зошто такво нешто треба да се направи, а би имало и огромни последици за регионот, првенствено во Босна и Херцеговина.

Јовановиќ, исто така, верува дека на земјите од регионот им е потребен НАТО, бидејќи членството во оваа воена организација би било гаранција дека повеќе нема да има војни.

Во исто време, косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај смета дека дијалогот меѓу Косово и Србија има и внатрешен и регионален контекст. Како што рече, регионалниот контекст никогаш не бил поповолен, но според него, Косово е единственото отворено прашање во врска со односот со Србија, што мора да се регулира со конечниот договор за заемно признавање.

„Србија не може да влезе во ЕУ без да го признае Косово, а не поради желбата на Косово, туку затоа што ЕУ во глобалната ситуација не може да прими држави, кои немаат дипломатски односи, кои меѓусебно не се признати“, рече Хоџај.

Тој, исто така рече дека приемот на Косово во Обединетите нации (ОН) не е во рацете на српскиот претседател Александар Вучиќ, бидејќи Косово и Србија можат да постигнат договор кој Русија поради некој свој интерес нема да го поддржи.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın