Балкан

Учесниците на „Маршот на мирот“ пристигнаа во Поточари: Со тридневно пешачење им оддадоа почит на жртвите од геноцидот

- По истата патека во спротивна насока, од Поточари до Незук, во јули 1995 година се извлекуваа и пробиваа Бошњаците, при окупацијата и заземањето на „Безбедната зона на Обединетите нации“ во Сребреница...

Vesna Besic  | 10.07.2025 - Обновена : 11.07.2025
Учесниците на „Маршот на мирот“ пристигнаа во Поточари: Со тридневно пешачење им оддадоа почит на жртвите од геноцидот

ПОТОЧАРИ (АА) - Над 6.000 учесници на „Маршот на мирот“ пристигнаа по тридневно пешачење во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, за да присуствуваат на одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен во јули 1995 година во Сребреница, Босна и Херцеговина, јавува Анадолу.

Учесниците пред три дена тргнаа од Незук, на подрачјето на Сапна, на пат долг над 100 километри.

Тие се движеа по рутата по која жителите на Сребреница се движеа летото пред 30 години во обид да стигнат до слободната територија - Тузла или Кладањ.

Во „Маршот на мирот“ учествуваа голем број млади и луѓе од различни делови на светот кои на овој начин им оддадоа почит на жртвите од геноцидот во Сребреница, но исто така испратија и порака дека ова никогаш повеќе не смее да му се случи никому.

Учесниците на „Маршот на мирот“ присуствуваа и на изнесувањето на ковчезите од салата на поранешната Фабрика за акумулатори, кои вчера пристигнаа во Поточари. Утре ќе присуствуваат на колективниот погреб на седум жртви на геноцидот.

„Маршот на мирот“, кој се организира по 21-ви пат оваа година како дел од одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во „Безбедната зона на Обединетите нации“ во Сребреница, претставува еден вид лекување на траумата за преживеаните од Сребреница, но и обврска да ги раскажат своите искуства и приказни и да ги пренесат на помладите генерации.

„Маршот на мирот“ има за цел и да изгради, подобри и негува култура на сеќавање на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и да спречи негирање, одбивање и релативизација на злосторството геноцид.

„Маршот на мирот“ трае три дена, а учесниците одат по патека долга околу сто километри од Незук до Поточари.

По оваа патека во спротивна насока, од Поточари до Незук, во јули 1995 година се извлекуваа и пробиваа Бошњаците, при окупацијата и заземањето на „Безбедната зона на Обединетите нации“ во Сребреница од страна на српските воени и полициски формации.

Учесниците во „Маршот на мирот“ пешачат околу 30 километри дневно, а на одредени места патеката е исклучително напорна, непристапна и бара солидна физичка подготвеност од учесниците.

Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се погребани 6.765 жртви на геноцидот, додека 250 жртви се погребани на локални гробишта по барање на членовите на семејствата.

Жртвите потекнуваат од различни општини, а повеќето од нив се од подрачја на источна Босна и Херцеговина - Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќи.

Жртвите на геноцидот пронајдени се на 150 различни локации. Од нив, 77 во масовни гробници откриени по војната.

Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденото бебе Фатима Мухиќ, а најстарата Шаха Измирлиќ е родена во 1901 година.

По над илјада жртви во геноцидот во Сребреница сè уште се трага.

Во 2007 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на Обединетите нации (ОН), Војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.

Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега за геноцид и воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни казни затвор. На доживотни затворски казни, меѓу другите, осудени се воениот претседател на Република Српска (РС) и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.