ССКМ: Паметни технологии во функција на намалување на загадувањето
Според Милошевски, во Македонија бројот на електрични автомобили е многу мал, регистрирани се вкупно 48 возила. Најголеми причини за тоа се цените на возилата, недоволно развиената инфраструктура и инсталираните полначи за овој тип возила.

Skopje
СКОПЈЕ (AA) - Во функција на долгорочно намалување на загадувањето на воздухот во земјата, Сојузот на стопански комори на Македонија препорачува паметнии технологии како што се електрични возила, итно справување со нелегалните бизниси за отпад со помош на дронови и промовирање на стандардот за пасивни куќи, кои ја намалуваат потрошувачката на енергија до 90 проценти, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпретседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССКМ), Александар Милошевски, на денешната прес-конференција истакна дека согласно со нивните анализи паметните технологии долгорочно ќе влијаат на намалувањето на загаденоста на воздухот.
Според Милошевски, во Македонија бројот на електрични автомобили е многу мал, регистрирани се вкупно 48 возила. Најголеми причини за тоа се цените на возилата, недоволно развиената инфраструктура и инсталираните полначи за овој тип возила. За да се зголеми бројката на електричните автомобили, ССКМ предложи дополнителни мерки.
„Тука ние би предложиле дополнителни мерки во смисла на поддршка на субвенционирана набавка на батерии и делови за електричните возила, зашто не е работата во тоа само да ги набавиме возилата, треба тие и да се одржуваат понатаму, да функционираат на македонските патишта“, рече Милошевски, поздравувајќи ја измената во Законот за возила во кој се предвидува субвенции за електрични и хибридни возила.
Сојузот на стопански комори на Македонија, како решение за справување со нелегалните бизниси за отпад, каде што се гори без дозвола и не се следат никакви стандарди, нуди снимање на теренот со помош на дронови, за да може полесно да се снимаат критичните точки и да се лоцира од каде доаѓа енормното загадување на воздухот.
Според анализите на ССКМ, во функција на намалување на загадувањето во земјата на долг рок треба да се поттикнува и градбата на пасивни куќи.
Пасивните куќи претставуваат највисок денешен енергетски стандард со намалување на потрошувачката на енергија за греење на објекти дури и до 90 проценти. Пасивната куќа е добро изолирана, речиси херметичка затворена градба. Првите вакви објекти се изградени во Германија.
Загадувањето на воздухот во Скопје, како и во неколку града низ Македонија е долгогодишен проблем, особено во зимските денови. Граѓанските организации и еколошките здруженија протестираат во неколку наврати, барајќи долгорочни мерки со кои овој проблем ќе биде значително намален. Претходно, Владата на Република Македонија најави стратешка програма со фонд од 1,5 милион евра за решавање на проблемот со загадениот воздух.