Семејствата ги посетуваат гробовите во Поточари: Солзи на мајките и раце на белиот мермер
- Посмртните останки на 7 жртви од геноцидот во Сребреница, извршен од припадниците на Војската на Република Српска и нивни помагачи во јули 1995 година, ќе бидат погребани на колективен закоп на 11 јули во Меморијалниот центар Сребреница во Поточари

СРЕБРЕНИЦА (АА) - Солзи, молитви и раце на белиот мермер, семејствата на убиените во геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеогивна, ги посетуваат гробовите во долината на белите споменици во Поточари, јавува Анадолу.
Мајки, татковци, браќа, сестри и роднини пристигнаа за да ги посетат гробовите на своите најблиски и да присуствуваат на утрешниот колективен погреб.
Посмртните останки на седум жртви од геноцидот во Сребреница, извршен од припадниците на Војската на Република Српска и нивните помагачи во јули 1995 година, ќе бидат погребани на колективен закоп на 11 јули во Меморијалниот центар Сребреница во Поточари.
Посмртните останки на жртвите кои ќе бидат погребани оваа година се пронајдени во гробови откриени во текот на претходните години на локалитетите во Липље, Баљковица, Суљиќи и Каменичко Брдо. Во повеќето случаи, телата се нецелосни, па затоа некои од семејствата на жртвите ќе спуштат во земјата една или две коски од своите најблиски.
- Убиени тинејџери -
Најмладите жртви што ќе бидат закопани оваа година се две млади момчиња кои имале 19 години во време на смртта, Сенаџид Авдиќ и Хариз Мујиќ. Двајцата, убиени во јули 1995 година, ќе го најдат своето последно почивалиште по 30 години.
Останките на Хасиб Омеровиќ, кој имал 34 години кога е убиен, се ексхумирани во 1998 година, но семејството, поради малиот број пронајдени скелетни фрагменти, претходно не можело да се одлучи за согласност за погребување.
В петок ќе бидат закопани и посмртните останки на Фата (Хусо) Бектиќ (1928), Сејдалија (Алија) Алиќ (1961), Рифет (Мустафа) Габељиќ (1964) и Амир (Ибрахим) Мујчиќ (1964).
Во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари досега се погребани 6.765 жртви на геноцидот, додека 250 жртви се погребани на локалните гробишта по барање на членовите на семејствата.
Жртвите потекнуваат од различни општини, а повеќето од нив се од подрачја на источна Босна и Херцеговина - Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќи.
Жртвите на геноцидот пронајдени се на 150 различни локации. Од нив, 77 во масовни гробници откриени по војната. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденото бебе Фатима Мухиќ, а најстарата Шаха Измирлиќ е родена во 1901 година.
По над илјада жртви во геноцидот во Сребреница сè уште се трага.
- Пресуди -
Во 2007 година Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на Обединетите нации (ОН), Војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега за геноцид и воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни казни затвор. На доживотни затворски казни, меѓу другите, осудени се воениот претседател на Република Српска (РС) и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.