Над 20 илјади со Алцхајмерова болест, само 10% од нив се лекуваат со терапија
„Граѓаните да ги направиме свесни за пациентите кои имаат симптоми на ова болест, да посетат лекар. Нормално, со лекувањето ќе имаме поквалитетен живот на пациентите“

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - По повод 21 септември - Светскиот ден на Алцхајмеровата болест, на плоштадот „Македонија“ беше поставен штанд со цел подигање на јавната свест и информирање на граѓаните за мерките за спречување на оваа неизлечива дегенетаривна болест, јавува Anadolu Agency (AA).
На штандот беше присутен и министерот за здравство на Македонија, Арбен Таравари, кој нагласи дека врз основа на лековите што се трошат, бројот на лицата кои се лекуваат од оваа болест во Македонија е од три до четири илјади пациенти.
„Целта е граѓаните да ги направиме свесни за пациентите кои имаат симптоми на ова болест, да посетат лекар. Нормално, со лекувањето ќе имаме поквалитетен живот на пациентите“, изјави Таравари, истакнувајќи дека пациентите треба да се дијагностицираат навреме, со цел да примаат соодветна терапија.
Еден од организаторите на настанот, неврологот Габриела Новотни, истакна дека ваквите активности се одржуваат со цел да не заборавиме дека болеста постои. Таа додаде дека Алцхајмеровата болест е тивка епидемија која полека се станува главна причина на смртност.
„Според светската статистика и според старосната структура во Република Македонија, над 65-годишна возраст, кога оваа болест најчесто се јавува, во Македонија би требало да има околу 200 илјади со заболени од Алцхајмерова болест. Тоа воопшто не е малку, а според продажбата на лековите, значи според оние што се третирани, нешто повеќе од 10 проценти се покриени со терапија“, рече Новотни, упатувајќи апел болните лица да посетат лекар заради соодветен третман.
Алцхајмеровата болест е најчестиот тип на ментална болест. Симптомите на Алцхајмер, вклучувајќи ги првичните, се проблеми со меморијата, со процената и размислувањето, нешто што секојдневно им отежнува на луѓето да работат или нормално да живеат. Со напредувањето на болеста се губи меморијата. Кај повеќе лица, симптомите се ублажуваат со помош на лекови, но не постои лек за целосно излекување на болеста.