Муцунски: Во време на растечки безбедносни предизвици, владите мора брзо да се адаптираат и да дејствуваат заедно
„Ја потврдив силната проевропска ориентација на нашата земја, континуираните реформски напори и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, учествуваше на Балканскиот форум во Будимпешта (Budapest Balkans Forum 2026), од каде што порача дека во време на растечки безбедносни и геополитички предизвици, владите мора брзо да се адаптираат и да дејствуваат заедно, пренесува Анадолу.
Преку објава на американската платформа на социјални мрежи Х, Муцунски изрази благодарност до Унгарскиот институт за меѓународни односи за поканата на форумот, каде што се обрати во воведната дебата на тема „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“.
„Ја потврдив силната проевропска ориентација на нашата земја, континуираните реформски напори и целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, истакна Муцунски.
Додаде дека државата е посветена на тоа да биде предвидлив партнер на Европската Унија, но дека истата таква предвидливост и кредибилност се очекува и од земјите членки.
„Нашата задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но таква предвидливост очекуваме и од земјите членки. Знаеме дека припаѓаме на Европа, но очекуваме таа предвидливост да биде целосно реципрочна“, нагласи Муцунски.
Тој посочи дека на форумот ја истакнал стратегиската важност на Коридорите 8 и 10 и за безбедноста и за трговијата и ја нагласил вредноста на стратегиското партнерство на земјата со Унгарија.
