Мајка од Сребреница 30 години го бара својот син единец
- „Камо да го најдат, па нека умрам веднаш утре. Каков живот е ова?“, раскажува низ солзи мајката Бегуна Салиховиќ од селото Биљача.

БРАТУНАЦ
- Весна БЕШИЌ
Мајката Бегуна Салиховиќ веќе 30 години ги бара посмртните останки на својот син Џемаил, убиен во геноцидот во Сребреница. Тој имал 21 година во време на смртта, јавува Анадолу.
„Никогаш не пронајдоа ниту коска од мојот син. Засега нема ништо. Да бев поблиску до Тузла, ќе одев секоја недела да прашувам. Колку мајки и татковци починале без да можат да ги погребат своите деца. Само од тоа се плашам“, вели таа низ солзи додека седи во дворот на својата куќа, во која се вратила во 1999 година, во селото Биљача, во Општина Братунац, во источниот дел на Босна.
Таа вели дека се вратила затоа што го очекува своето дете.
„Камо да го најдат, па нека умрам веднаш утре. Каков живот е ова? Тројца браќа ми беа убиени, внуци, од девер синови, двајца, тројца девери. Но за моето дете ми е најтешко. И маж се оплакува, но дете е дете. Сè те стега, тешко е. Само да се најдат коските за да можам да одам да му прочитам Фатиха, за да знам дека е таму меѓу своите браќа и другари“, вели Бегуна.
Нејзиниот сопруг Џемал, исто така, бил убиен во геноцидот. Неговите посмртни останки биле пронајдени и погребани. На почетокот на агресијата врз Босна и Херцеговина таа, заедно со синот, трите ќерки и сопругот, морала да го напушти домот и да оди во друго село.
Маж ѝ бил заробен и убиен во октомври 1992 година додека барал храна: „Го застрелале во нозете. Го раниле. Ги заробиле него и уште неколкумина негови братучеди. Ги однеле некаде, дури и не знаеме каде биле убиени.“
По војната, кога се вратила во Биљача, била повикана на идентификација.
„Го пронашле кога преминувале во Љубовија (општина во Србија, на границата со БиХ, заб.ав.) преку стариот мост. Таму имало гробница. Таму го положиле Џемал. Него и неговиот братучед. Телото е целосно. Носел работна облека од рудникот“, се потсетува таа.
- Внука ѝ се родила по падот на Сребреница
Во времето на падот на Сребреница во јули 1995 година, Бегуна била со синот Џемаил и неговата бремена сопруга и ќерката. Претходно две ќерки веќе пратила во Тузла со камион со хуманитарна помош.
„Беа малечки. Еден полицаец ги качи на камион и отидоа во Тузла. Брат ми работеше таму. Знаев дека ќе се грижи за нив“, вели таа.
Џемаил никогаш не ја запознал својата ќерка Џенана. Таа е родена 20 дена по падот на Сребреница.
„Таа се роди за да имам спомен на моето дете“, вели мајката од Сребреница низ солзи.
Тој беше трета година средно училиште кога започна војната, млад се ожени: „Живееја една година, Сребреница падна и тој отиде преку шумата со зетот, кој сега е во Данска. Ќерката се роди 40 дена пред падот на Сребреница. Снаата се породи на 2 август. Мојата Џенана сега ќе наврши 30 години. Таа се роди за да имам спомен на моето дете“, вели Бегуна.
Зетот ѝ раскажал кога последен пад го видел Џемаил и дека по нападот се разделиле.
„Кога тргнаа од Сребреница, им реков да не се разделуваат. Кога се случи првиот напад, тој му рекол на зетот дека ќе оди да види каде му се братучедите. И откако заминал, зетот повеќе не го видел. Имаше многу убиени и ранети. Никој не знаеше што се случило“, вели Бегуна.
- Куќата и единствената фотографија на Џемаил
Зет ми беше ранет, но по пет или шест дена дојде во Тузла, сам, без Џемаил.
„Доаѓаа да ни земат крв, но нема, па нема. Прашаа како е облечен, што носи. И, вака, навистина е тешко... Но не може насила да се умре. Се надевам дека ќе го најдам“, вели мајката Бегуна, која денес живее сама:
„Се вратив затоа што ја сакам мојата куќа, тука ги родив децата. Ги чекам како утре да ќе дојдат сите. Сакам кога е Бајрам, Нова година, дворот мириса на алва, баклава...“
Таа во куќата ја чува единствената фотографија од синот Џемаил.
„Сакам да бидам тука и да чекам да го најдат мојот син. Затоа дојдов тука“, додаде таа.