Македонија и БиХ потпишаа Договор за признавање и замена на возачки дозволи
Министерот Спасовски, во однос на потпишувањето на Договорот за заемно признавање и замена на возачки дозволи меѓу Македонија и БиХ, рече дека се работи за договор од особено значење за граѓаните на Македонија и на БиХ

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина (БиХ), Исмир Јуско, денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, која ја започна со средба со неговиот македонски колега, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. По средбата, во присуство и на министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, беше потпишан договор меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина, за заемно признавање и замена на возачки дозволи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својство на домаќин на денешната средба којашто се одржа во Владата на Република Македонија, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, изјави дека со министерот за комуникации и транспорт на БиХ, Исмир Јуско, разговарале за меѓусебните односи на двете држави, при што констатирале дека тие се исклучително добри. Сугарески информираше дека разговарале и за вклучувањето на БиХ во транспортната заедница, каде што Република Македонија е членка од 12 јули, и како што рече, на тој начин, со носењето на одлуката на Советот на БиХ за вклучување во транспортата заедница, сите држави од Западен Балкан ќе можат да остварат уште поголема поврзаност со ЕУ.
„Разговаравме во тој дел, во делот на секторските реформи, либерализацијата на пазарите во одделни видови транспорт коишто треба да се случуваат на подолг рок. Исто така, во рамките на нашите надлежности разговаравме за продлабочување на соработката во патниот собраќај согласно одредбите на Спогодбата за меѓународен патен превоз на патници и стоки, потпишана меѓу двете земји, и превозот се врши без дозволи за билатерала и транзит, а превозот на стоки за и од трети земји се врши со дозволи кои се разменуваат секоја година, на реципрочна основа“, рече Сугарески.
Тој додаде дека во рамките на разговорите го отвориле и генералното прашање околу железничкиот сообраќај како и за подобрување на безбедноста на инфраструктурата, како и за бројни теми што ги поврзуваат Македонија и БиХ.
Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, во однос на потпишувањето на Договорот за заемно признавање и замена на возачки дозволи меѓу Македонија и БиХ, рече дека се работи за договор од особено значење за граѓаните на Македонија и на БиХ.
„Надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи управуваат со возило на територија на едната или другата држава. Воедно, граѓаните кои имаат регулиран престој согласно националното законодавство на двете држави, можат да ја заменат својата возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на друга држава, без да има потреба од полагање теоретски и практичен испит“, истакна Спасовски.
Според него, овој чекор значително ќе ја подобри соработката на двете држави поради фактот што голем број граѓани живеат или транзитираат преку Македонија или преку БиХ.
Министерот Спасовски потсети дека договорот со БиХ е дел од проектот на МВР за реципрочно признавање и замена на возачките дозволи, кој МВР го има започнато со голем број држави во светот. Освен со БиХ, има потпишано вакви договори и со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора, Република Србија, при што на носителите на македонска возачка дозвола не им е потребна меѓународна возачка дозвола, а на оние што го имаат регулирано нивниот престој, може да им се изврши замена на возачката дозвола.
„Освен со овие држави“, информираше Спасовски, „во тек е процедура за потпишување договор за признавање и замена на возачки дозволи со Косово, Република Турција, Велика Британија, Северна Ирска и Германија“, кои како што рече тој, претставуваат приоритет на МВР со оглед на фактот што голем број граѓани од Македонија живеат и работат во овие држави.
Од друга страна, министерот за комуникации и транспорт на БиХ, Исмир Јуско, истакна дека денешната посета на Република Македонија не ја доживува како своја службена посета, туку како посета на свои пријатели во пријателска Македонија и истакна дека БиХ и Македонија веќе долго време имаат исклучително добри односи.
„Со потпишувањето на денешниот договор, тие односи се унапредуваат. Ние имаме намера како што веќе е најавено, во најскоро време да се активира авиолинија Сараево – Скопје. Би сакал да информирам дека веќе долга низа години БиХ и Македонија немаат дозволи кога е во прашање размена на стоки, така што до 2016 година, размената на стоки меѓу БиХ и Македонија е некаде околу 75 милони евра и веруваме дека во 2017 година ќе биде поголема“, истакна министерот Јуско.
Тој рече дека е договорено, во рамките на Транспортната заедница, кога се во прашање одредени проекти, Македонија и БиХ да настапуваат како две земји заедно со другите соседи претставници на Транспортата заедница, бидејќи на тој начин може да се направи усогласување кога овие земји делегираат проекти пред повеќе други земји, така што, како што рече Јуско, таквите проекти ќе имаат повеќе шанси за успех.
На крајот, министерот Јуско изрази надеж дека ова е само продолжување на добрите односи меѓу БиХ и Македонија, за кои рече дека со години наназад одат во нагорна линија, поради што изрази и увереност дека меѓу двете земји и во иднина ќе има добра соработка.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.